[Интервју] 25 години „Меѓаши“: СОС линијата најпрепознатлива меѓу децата по бројот на полицијата

Идеално општество за правилен раст и развој на секое дете е општество во кое нема војни, има чист воздух и здрави деца. Тоа е општество кое на децата со здравствени проблеми и посебни потреби им овозможува квалитетно здравство и образование, им овозможува да имаат родители кои квалитетно и заеднички ќе се грижат за него и кога тие се разведени. Воедно, тоа е општество во кое се вклучени сите деца во образованието, не се принудуваат на проституција и порнографија. Општество во кое нема силувани, мачени и сиромашни деца.

Ова е идеалниот свет што го заслужува секое дете, смета Катерина Конеска од Првата детска амбасада „Меѓаши“. Но, проблемите со коишто се соочуваат децата во Македонија од деведесеттите, па до денес, само навидум делуваат различно, иако фактички се исти, вели таа. Тие се водат според Конвенцијата за правата на детето, која му го признава правото на детето да биде слушнато и консултирано за работи и одлуки кои се од негов интерес.

„Меѓаши“ одбележува 25 години постење. Од своето основање во април 1992 година, тие до денес, заедно со работниот тим, активисти за детски права, мировни работници и
волонтери, се борат за почитување на правата на децата во Македонија и градење култура на мир од најрана возраст.

„Во првите 10 години од оформувањето, главна задача на Детската амбасада беше да се згрижат децата бегалци погодени од војната во Босна и Херцеговина, Косово и конфликтот во Македонија, а денес главно фокусот ни е на заштитата на децата од насилство и злоупотреби, но и на мобилизирање на јавното мислење и мобилизирање на институциите за децата бегалци, за сиромашните деца, децата чиј труд се злоупотребува, децата жртви на трговија со луѓе и органи, деца жртви на проституција, порнографија, маргинализирани и ранливи групи деца“, вели Конеска.

Децата веќе ја прифатиле „Меѓаши“ како своја амбасада, забележува таа. Според нивно истражување, кое го спровеле меѓу средношколци, препознаеноста на СОС телефонот (0800 1 2222) кој функционира во рамките на „Меѓаши“, е на второ место веднаш после бројот на полиција. Исто така, Детската амбасада веќе е препознаена и во учебниците, односно децата учат за неа и за нејзината телефонска линија уште од трето одделение.

„Во текот на Детската недела, која е првата недела од месец октомври, секоја година во нашите простории доаѓаат групи на деца од градинките и основните училишта во Македонија каде се запознаваат директно со работата на Детската амбасада Меѓаши, и учествуваат на работилница за детските права. Од овие работилници добиваме информации дека децата се запознати со работата на Детската амбасада Меѓаши, со СОС телефонот и со нивните права“, вели Конеска.

СОС телефонот за деца и млади започна со работа две години од формирањето на Амбасадата, односно од октомври 1993  година и оттогаш, па до денес, биле регистрирани  вкупно  20.537 повици. Овој телефон претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства а воедно преставува и промотор на детските права.

„Со телефонскиот повик децата може да добијат помош и информации, стручен совет, психо – социјална поддршка или едноставно да разговораат за проблемите со кои се соочуваат, а за кои немаат кому да се обратат. Токму затоа стручниот тим на СОС линијата го сочинуваат педагози, психолози, социјални работници, психотерапевти и волонтери од овие профили“, појасни Конеска.

Сепак, Конеска нагласува дека бројот на непријавени случаи на злоупотреба на децата и прекршување на нивните права е многу поголем.

Таа додава дека покрај телефонската линија, функционира и бесплатната правна служба која писмено се обраќа до надлежните институции, а потоа и ги следи постапките кои ги преземаат тие во врска со случајот и реагира доколку согледа дека не постапуваат во најдобар интерес на децата.

„Ние како организација секогаш ги поттикнуваме и охрабруваме децата да не премолчуваат, туку да го пријават насилството. Воедно апелираме и до возрасните кога ќе се посомневаат дека постои непочитување на правата на децата, нивно прекршување, оспорување или загрозување, да не премолчуваат и истите сомнежи да ги пријават до надлежните институции како полиција, Центри за социјална работа или директно во Детската амбасада Меѓаши“, вели таа.

Како што вели Конеска, децата најчесто пријавуваат физичко и психичко насилство од страна на родителите/старателите или нивни блиски и познаници. Но, според неа, децата се исплашени да пријавуваат затоа што тие гледаат на родителите како нивни авторитет и им се потребни без разлика како се однесуваат кон нив.

„Според податоците на нашиот СОС телефон за деца и млади, сите возрасни групи трпат насилство, но некако најизразено е кај децата кои се на основношколска возраст, односно од 6 до 14 години“, забележува таа.

Притисоците во оваа работа се неминовни, забележува Конеска, но тоа не ги спречило тие да си ја вршат својата задача.

„Во текот на 25-годишното постоење на организацијата секако дека имало моменти и ситуации кога имало притисоци врз нашата работа. Но, на овие притисоци сме гледале како на предизвици. Тимскиот дух во организацијата, посветеноста кон работата, и мисијата како водилка во живот на организацијата ни помогнаа да ги надминеме истите и да станеме уште појаки“, вели Конеска.

„Меѓаши“ во изминативе неколку години даде своја поддршка на повеќе иницијативи. Средношколскиот пленум беше една од нив. Оттаму велат дека ова го направиле бидејќи почувствувале дека „потребно е да се даде поддршка на јасно искажана и покажана потреба младите да бидат активни носители на општествените промени кои нив ги засегаат“.

Други граѓански иницијативи на кои „Меѓаши“ активно дава своја поддршка се и двете иницијативи кои третираат прашања поврзани со Законот за семејство. Првата доаѓа од група на граѓани, а се однесува на воведување заедничко родителство по развод. Овде Детската амбасада „Меѓаши“ дава поддршка во насока на креирање законска основа која ќе даде можност двајцата родители да добијат заедничко старателство над децата доколку ги исполнуваат условите и критериумите за одговорно родителство.

„Според светските искуства, овој концепт е еден од најсложените, но се смета дека е најдобро решение за детето“, вели Конеска, додавајќи дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство и по разводот на нивните родители.

Но, како што нагласува, даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стучните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски.

Втората иницијатива која тие ја поддржуваат се однесува на измени на Законот за семејство, со што ќе се овозможи посвоените деца да го дознаат своето генетско потекло. Според Конеска, тоа е суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца и произлегува од реалните проблеми со кои се соочуваат посвоените деца.

„Членот 7 од Конвенцијата за правата на детето, во кој се пропишува дека сите деца имаат право на легално заведено име и националност, но исто така, имаат и право да ги знаат своите родители“, нагласи таа.

Како една од најранливите категории се уште се децата без родители, кои по своето полнолетство често се оставени сами на себе. Според Конеска, уште за време на престојот на децата во згрижувачки семејства и во установи, лицата кои се одговорни за нив треба да ги поддржат, насочат и научат како да располагат со финансиските средства кои ги добиваат, да ги научат одредени животни вештини со цел полесно да се социјализираат и адптираат во општеството.

„Можеби треба да се размислува за друга форма од веќе постоечките за згрижување на оваа категорија на деца како мали домови/заедници каде што помал број на деца се згрижени и функционираат на ниво на семејство“, смета таа.

„Општеството исто така има улога во поддршката на овие младинци, но и на децата во ризик, деца со воспитни проблеми, деца исклучени од образовниот порцес и слично. Сите треба да им дадеме можност и да ги препознаеме нивните социјални вештини и нивните личносни капацитети“, додава Конеска.

„Меѓаши“ години наназад интензивно ја води и борбата против педофилијата, родосквернавењето и сексуалното злоставување на децата во Македонија. Со нивен притисок Министерството за правда на Република Македонија ги зголеми казните за сексуално злоставување на деца од страна на педофилите на минимум 10 години затвор. Сепак, според Конеска, се уште треба многу да се работи на ова поле. Според неа, превенцијата  и пријавувањето на можни сомнежи за сексуална злоупотреба на децата се клучни за нивна заштита.

„Треба да ги едуцираме децата како да се самозаштитат ако се најдат во таква ситуација. Децата треба да знаат дека имаат право на приватност и на својот простор и над своето тело. Децата треба да ги воспитуваме дека ако согледаат една возрасна личност која се однесува чудно кон нив и има несосодветни барања и допири, треба на време да се оттргнат од таа возрасна личност и  да им кажат на родителите или најблиските на кои им веруваат за тоа што им се случило“, објаснува таа.

Родителите/старателите, исто така, имаат огромна улога, смета таа. Таа вели дека тие треба постојано да бараат одговорност од институциите ако има нефункционалност од нивна страна.

„Треба сите да знаеме дека секое промолчување на педофилија и родосквернавње значи соучесништво. Премолувањето му овозможува на педофилот да го повторува делото и некое друго дете да стане жртва. Ние ги охрабруваме и родителите и децата жртви да не молчат, туку да им го кажат случајот на возрасните на кои им веруваат“, вели Конеска.

Во училиштата, пак, потребни се едукативни програми за превенција на децата од сексуална злоупотреба, смета таа.

„Родителите/старателите треба да бидат претпазливи и по прашањето кому му ги доверуваат децата на чување“, предупредува Конеска.

„Педофилите знаат да бидат многу љубезни и внимателни со децата жртви се додека не ја добијат нивната наклонетост и потоа сексуално ги злоупотребат. Децата мно гу често даваат знаци дека нешто се случува со нив, но сите родители/старатели не ги препознаваат реакциите на нивните деца и не реагираат на време. Кога педофилот е лице познато на детето тогаш тој се обидува да го заплаши и збуни детето со закана за своите барања и често инсистира да биде тоа “нивна тајна”, појасни Конеска.

Идеалниот свет не е само замисла, тоа е и право што му припаѓа на секое дете, па затоа, и по 25 години постоење, „Меѓаши“ најави дека ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за законски измени и воспоставување практика кои се во најдобар интерес на детето.

Е.П.