Документарниот филм „Мојот превртен свет“ (My World Upside Down) на режисерката Петра Селишкар и директорот на фотографија Бранд Ферро, во копродукција помеѓу Македонија, Словенија и Хрватска освои две награди на годинашното 12-то издание на ЈИЕфест во Лос Анџелес. Филмот доби специјална награда од жирито за најдобар документарен филм и награда за најдобра фотографија во документарен филм.
Документарниот филм „Мојот превртен свет“ е приказна базирана на музика со песните на култниот словенечки актер, режисер, поет, писател и кловн Фране Милчински – Јежек. Во продукција на „Петра Пан Филм Продукција“, филмот е направен како македонско-словенечко- хрватска копродукција. Во музичкиот сегмент на филмот настапуваат и македонските музичари Тони Китановски со оркестарот „Черкези“, како и групата „Бернајс пропаганда“.
ЈИЕфест (Фестивал за филмови од Југоисточна Европа) е основан 2002 година во Лос Анџелес, со концепт да ги промовира филмовите од Југоисточна Европа. Фестивалот на овој начин се обидува да и ги отвори вратите на американската публика кон овој регион, промовирајќи ја културната различност на Југоисточна Европа преку годишна презентација на филмови и организирајќи конференции и ретроспективи за студенти и филмски работници со цел да се создадат можности за културна размена меѓу Јужна Калифорнија и Југоисточна Европа.
Македонската премиера на документарниот филм „Мојот превртен свет“ се одржа на отворањето на седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, на 20 август 2016 во Скопје.