Иван Новак од Лајбах на Engage ќе зборува за искуството на западниот бенд во Северна Кореја

На Engage конференцијата, која ќе се одржи на 10 јуни во Кино Култура, меѓу говорниците од странство ќе гостува и Иван Новак, еден од основачите на словенечката група Лајбах. Новак на конференцијата за социјален активизам ќе зборува за искуството на Лајбах како единствен бенд од Западот кој настапувал во социјалистичката Северна Кореја.

Во август 2015, Лајбах стана првата група од Западот која некогаш настапувала во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг. Бендот изведе краток сет составен претежно од композиции од мјузиклот “The Sound of Music” и други преработки, како и оригинална музика на Лајбах, во Понгва Театарот, и акустичен сет во Кум Сонг музичкото училиште. Настапите ја одбележаа 70-тата годишнина од независноста на Кореја од Јапонија, после Втората светска војна.

Оригиналната идеја за концертите произлезе од норвешкиот уметник и активист Мортен Траавик, кој го сними документарецот “Liberation Day” за време на нивниот престој во Северна Кореја.

Бендот е често тема на дискусија поради нивниот изглед и музички стил. Додека едни мислат дека се радикални десничари и нео-нацисти поради естетиката и војничките униформи, други ја сфаќаат скриената порака – сатирата и исмевањето со фашизмот и нацизмот со кои Лајбах го осудуваат авторитетот во секоја негова форма.

pisarev

За Лајбах словенечкиот филозоф Славој Жижек ќе каже, „не само што се исмеваат со тоталитарните режими, туку и го вадат на површина авторитарниот елемент кој е присутен во сите општества, дури и во најдемократските“.

Engage конференцијата како прв говорник од Македонија го најавува Никола Писарев, кој ќе зборува на темата „Урбаната уметност како форма на критика и активизам“.

astalni

Писарев е автор на голем број проекти, како Мобилната монтажна галерија, Граѓански активатор, Урбан Арт акција и др. Основач е и на повеќе граѓански иницијативи, како „Го сакам ГТЦ“, Иницијатива за спасување на реката Радика, „Арсена“, Пракобрани, Охрид SOS и многу други локални иницијативи ориентирани кон заедницата. Едно од неговите најголеми достигнувања е што тој е првиот кој почна да користи креативни комуникации и акции во проектите на граѓанските организации и успешно решавање на различни проблеми на заедниците. Автор е на многу статии од областа на Историја на уметноста, Урбана околина и урбанизам, социјална антропологија и граѓански активизам.

Од изведувачите кои годинава ќе учествуваат на Engage, ќе ги слушнеме и Ана Голејшка и Ѓоко Здравески од Астални проекции, кои ќе читаат ангажирана поезија. Астални проекции се книжевни собири, „платформа направена од љубов и уметност, чија цел е да осветлува и просветлува, да искара и критикува“.

На Engage годинава за револуцијата во политиката и нејзиното искуство како активист на Викиликс ќе зборува и Биргита Јонсдотир, од Исландската Пиратска партија. Конференцијата ќе се одржи на 10 јуни. Влезот е бесплатен, но задолжително е регистрирање кое ќе биде отворено на 30 мај.