По речиси три години институционална борба, битолското здружение „За нас се работи“ поднесе кривична пријава против РЕК Битола.
Тие велат дека ја поднесуваат пријавата бидејќи во периодот од 2010 година до денес, компанијата несовесно се справувала со отпадот што се создава во депонијата која се наоѓа во непосредна близина до рударско-енергетскиот комбинат во село Новаци. Според нив, РЕК Битола не успеала соодветно да управува, односно да го одржува отпадот во вид на пепел, кој се карактеризира како опасен и радиоактивен. Во пријавата се истакнува дека во повеќе случаи при појава на ветер, компанијата не го спречила ширењето, иако била свесна за последиците.
„По речиси тригодишна битка по институционален пат, со безброј петиции, здружувања, разни пресови, протестирања.. кажува дека наводно општествено одговорната компанија се однесува крајно дрско и крајно неодговорно кон жителите на Пелагонискиот регион, во кој спаѓа и градот Битола, во кој живееме и го поминуваме нашето секојдневие“, рече активистот Илија Балтовски.
Во пријавата до РЕК Битола, како подружница на ЕЛЕМ, се наведени и конкретни имиња и презимиња на лица кои водат одговорни функции.
Христија Мицковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ, Иван Куковски, директор на подржужница РЕК Битола, Тони Паспаловски, директор за развој и инвестиции на РЕК Битола, Панде Петкоски, директор на рудник на РЕК Битола, Симо Атанасов, раководител на отпепелување на РЕК Битола и Лидија Поповска, одговорно лице на ХТВ лабораторија во РЕК Битола.
„Се надеваме дека кон оваа кривична пријава, Основното јавно обвинителство ќе заземе позитивен став и по најкраток можен период ќе може да поведе истражна постапка преку која ќе се утврди вина за неодговорноста и нестандардизираниот процес на произведување на електрична енергија. Свесни дека РЕК Битола има стретшки значења за државата, напоменуваме дека треба повеќе да се грижи за нас граѓаните и за животната средина, иако тоа не е случај“, истакна Балтовски.
Тој нагласи дека кривичната пријава е само почеток на судскиот процес, а ако е потребно ќе стигне и до меѓународните судови. Активистите не ја исклучуваат и граѓанската непослушност во своите идни чекори.
Е.П.