Како дел од стратегијата за туризам на Италија, државата подарува 103 историски знаменитости, вклучително стари куќи, фарми, манастири, анови, па дури и антички замоци. Сепак, само оние кои имаат намера да ги реновираат и да ги трансформираат во туристички места, како ресторани и спа центри, ќе бидат сопственици на историското место.
Државната агенција за недвижнини и Министерството за културно наследство се одговорни за спроведување на проектот, кој има за цел да ги ослободи од притисокот најпопуларните и најпосетуваните места. Како резултат на овој проект, се очекува да се промовираат помалку познатите дестинации, кои би биле посетувани од туристи, а со тоа и економијата би се подобрила.
Роберто Реџи од Државната агенција за недвижности вели: „Проектот ќе го промовира и поддржува развојот на бавниот туристички сектор. Целта е приватните и јавните згради кои повеќе не се користат да бидат трансформирани во објекти за верници, планинари, туристи и велосипедисти“.
Во целост, 103 историски објекти се достапни низ целата држава. Голем дел се лоцирани во близина на познатиот Апијански пат – римскиот пат што ги поврзува Венеција и Бриндиси на јужниот брег. Откако првичните недвижнини ќе бидат побарани и странците ќе започнат да ги истражуваат дестинациите покрај Венеција, 200 други објекти ќе бидат вклучени во проектот во наредните две години.
Ова не е првпат Италија да се потпира на јавноста за да ги оживее заборавените историски локации. Проектот „Светилник“, исто така на италијанската влада, резултираше со аукција на речиси 30 историски светилници. Барањето до инвеститорите беше исто: да ги трансформираат во хотели и туристички објекти. Дополнително, државата собра 502 милиони евра преку нејзиниот проект „Запри го јавниот долг“ ставајќи ги нејзините 50 најценети знаменитости на аукција во 2013 година.