Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривични пријави против 60 годишниот А.Б. од Тетово и 22 годишниот А.Ш. од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот Законик на Република Македонија.
А.Б. се сомничи дека откако насилно влегол во Собранието, во прес салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С. упатувајќи и закани. А.Ш. со удари со раце и нозе, насилно ја отворил влезната врата на Собранието, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници во кордонот пред вратата, стои во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Дополнително информираат дека за двајцата пријавени се обезбедени видео записи, а со нив биле извршени и разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејствија, по што истите се ослободени.
Од МВР информираат и дека до Основното јавно обвинителство – Скопје доставиле три известувања – прегледи на видео материјали од настаните на 27 април, барање листинзи на телефонски број на еден од луѓето за кои има кривична пријава, како и здравствената документација на лица кои се пријавиле како оштетени во собраниските инциденти.
Од Министерството информираат дека и понатаму се преземаат мерки и активности за расветлување на инцидентите од 27 април, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.