Детската претстава „Писмо некому“ на Буден театар, ќе се прикажува денеска и утре во 17:30 часот во Кино Култура.
Претставата, наменета за деца над 5 годишна возраст, ја раскажува приказната за осаменото китче кое зема часови по пишување кај учителот – албатрос за да напише писмо и да покани некој во посета. Со многу хумор и преку интерактивен пристап, децата стануваат дел од приказната и му помагаат на китчето да ја надмине осаменоста.
На создавањето на претставата и претходеше процес на креативни работилници кои екипата на Буден Театар ги спроведе со децата од О.У.Кочо Рацин-Скопје, како и со децата бегалци сместени во Т.Ц.Табановце.
Работилниците се снимаа и потоа како своевидни видео писма се проектираа меѓу двете групи деца за да воспостават комуникација, и покрај тоа што средби не беа возможни. Дел од видеата се вклучени во претставата.
Претставата е инспирирана од приказните од книгата “Писма Некому и Никому” на реномираниот холандскиот автор за деца Тон Телехен. Автор и режисер е Милиана Ленак. Во претставата игра Сара Климоска, додека музичари се Виктор Гајтаноски и Катерина Димитроска.