Еден од уставните судии се премислил и Уставниот суд на Република Македонија ја укинал времената забрана за интервенции и нов барок врз објектите кои се прогласени како „од посебен интерес на државата“, откако пред повеќе од еден месец забранија такво нешто до конечна одлука на Судот по ова прашање.
Со времената забрана беа опфатени објектите кои од поранешната власт беа прогласени за објекти од посебен интерес на државата, меѓу нив и Градскиот трговски центар, Македонската опера и балет, Националната универзитетска библиотека, како и повеќе други приватни и комерцијални објекти во Скопје но и во другите македонски градови.
На одлуката, објавена на веб-страната на Уставниот суд со датум 05.04.2017, стои издвоеното мислење на судијката Наташа Габер-Дамјановска која се противи на ваквата одлука нарекувајќи ја „правно апсурдна“.
„Преку вака усвоениот текст на Решението за предметот 136/2016, на 12.04.2017 всушност се остварува ново прегласување по однос на веќе изгласаната времена мерка, што е спротивно на Деловникот на Уставниот суд, бидејќи двојно гласање по ист предмет и преку тоа отстранување на дел од веќе донесена одлука е невозможно и правно апсурдно и претставува упад во донесената одлука“, стои во мислењето на Габер-Дамјановска, додека во продолжение се цитира дека Деловникот на судот не наведува можност за прегласување по предмет и дека со овој преседан се создаваат предуслови за неодговорно или неконзистентно однесување во иднина.
Во коментар на информацијата, архитектот Даница Павловска – Циги, една од поднесувачите на иницијативата до Уставниот суд, смета дека оваа одлука покажува дека Судот не функционира и во пресрет на конечната одлука, која треба да биде следниот месец, се прашува дали Судот има морален и професионален капацитет за такво нешто.
Порталот СДК.МК пишува дека дел од уставните судии биле под голем притисок да ја тргнат времената забрана, поради тоа што објектите требало да бидат искористени за политички поени во пресрет на локалните избори во земјава.