Британскиот Гардијан дошол до повеќе од 100 интерни правилници, презентации и документи кои даваат досега непознат увид во начинот на кој најголемата социјална мрежа Фејсбук одлучува како да постапува во случаи на содржини со насилство, говор на омраза, тероризам, порнографија, расизам и самоповредување.
Тајните правила на Фејсбук, или „Фејсбук досиејата“, се откриваат за прв пат во истражувањето на Гардијан, кои се надеваат дека тоа ќе поттикне глобална дебата за начинот на работа на Фејсбук и одлуките што можат нејзините 2 милијарди корисници да објават на платформата.
Постојат правилници и за местење на натпревари и канибализам.
„Фејсбук не може да задржи контрола на содржините. Порасна многу, пребрзо“, вели еден извор за весникот.
Гардијан добил увид во документите кои се доставувале до фејсбук модераторите последнава година. Ова се само дел од правилата кои се доставуваат до вработените:
– Објави како „Некој да го убие Трамп“ треба да се бришат, бидејќи како прв човек на државата тој е заштитена категорија. Сепак се дозволува да се каже: „За да го искршиш вратот на кучката, гледај притисокот да ти биде на средината од нејзиното грло“ (To snap a bitch’s neck, make sure to apply all your pressure to the middle of her throat), или „одеби и умри“ (fuck off and die), бидејќи тие не се сметаат како кредибилни закани.
– Видео снимки од насилна смрт, иако се обележуваат како вознемирувачки, не секогаш треба да се бришат бидејќи тие можат да помогнат да се подигне свесноста за одредени прашања како ментални болести.
– Некои фотографии од несексуална физичка злоупотреба и малтретирање на деца не мора да бидат избришани освен ако има садистички или елементи на славење.
– Фотографии на злоупотреба на животни може да се споделуваат, само екстремно вознемирувачките слики да се обележуваат како „вознемирувачки“.
– Секоја рачно изработена уметност која покажува голотија и сексуална активност е дозволена, но не и дигитално изработена уметност која покажува сексуална активност.
– Видеа од абортуси се дозволени, се додека нема голотија.
– Фејсбук ќе дозволи луѓе да пренесуваат во живо обиди за самоповредување затоа што „не сака да ги цензурира или казнува луѓето кои се под голем стрес“.
– Секој со повеќе од 100 илјади следбеници на социјалната платформа е означен како јавна личност – што им оневозможува целосна заштита која ја имаат приватните индивидуи.
Други видови на коментари кои можат да се дозволат, според документите, вклучуваат: „Малечкото девојче треба да се прибере пред тато да го скрши нејзиното лице“ (Little girl needs to keep to herself before daddy breaks her face) и „Се надевам дека некој ќе те убие“. Заканите, според правилниците, се сметаат како генерички или некредибилни.
Моника Бикерт, шефицата на глобалниот менаџмент на политики на Фејсбук, вели дека сервисот има скоро 2 милијарди корисници и дека е тешко да се постигне консензус што се допушта.
„Имаме навистина различна глобална заедница и луѓето имаат многу различни идеи што е во ред да се споделува. Без разлика каде ќе ја повлечете линијата, секогаш ќе постојат сиви зони. На пример, линијата помеѓу сатирата и хуморот и недозволена содржина е некогаш многу сива. Тешко е да се одлучи дали некои работи припаѓаат на сајтот или не“, смета таа.
За секоја од политиките постои објаснување. При политиката за несексуална злоупотреба на деца стои дека „во некои ситуации дозволуваме фотографии бидејќи можат да му помогнат на детето“. За политиките за животниско насилство еден од документите наведува: „Дозволуваме фото и видео кои документираат злоупотреба на животни за подигање на свеста, но, може да се додаде заштита за гледачот на некои содрижини кои можат да бидат екстремно потресни за публиката.
„Една работа е кога сте мала онлајн заедница со група на луѓе кои споделуваат слични принципи и вредности. Но, кога имате голем процент од светската популација и вашето мото е „споделувајте се себеси“, тогаш ќе бидете во голема збрка“, вели Сара Т Робертс, експерт за модерирање содржини за Гардијан.
Додека Фејсбук постојано се наоѓа под жестока критика поради тоа што не успева да отстрани одредени видеа, платформата имала важна улога во проширувањето на видео материјали на убиства од полицијата и други видови на злоупотреби на власта.
Како што наведуваат од Гардијан, документите илустрираат тешки одлуки со кои се соочуваат одговорните – како „порнографија од одмазда“, како и предизвиците за модераторите на сајтот кои кажуваат дека се пренатрупани од работа и понекогаш имаат само 10-тина секунди за носење одлука.