Повеќе од 50 лица се повредени, а 22 се починати во напад во Манчестерската Арена, каде се одржуваше концерт на Ариана Гранде. Меѓу жртвите имало и деца, а властите се сомневаат дека се работи за терористички напад.
Експлозијата се случила во 22:35 часот во понеделникот. Секретарката за внатрешни работи, Амбер Рад, изјави дека е „варварски напад, кој намерно цели кон некои од најранливите во општеството“.
Роднините на присутните на концертот користеа социјални медиуми за да ги најдат членовите на нивните семејства кои беа заглавени во салата после инцидентот.
Од Северо-западната амбулантна служба рекле дека примиле 59 повредени од експлозијата во околните болници, а повеќе лица биле третирани и од повреди од шрапнел во нозете и стапалата.
Во чест на починатите и повредените, политичките партии привремено ги суспендираа кампањите за парламентарните избори.
Од полицијата објавија дека експлозијата се случила во фоајето на арената, кое е поврзано со станицата за метро и трамвај Викторија, која е многу прометна и води кон градскиот центар.
Кратко после експлозијата, станицата била затворена и сите линии на јавниот превоз биле прекинати.
Експлозијата се случила кратко откако Ариана Гранде си заминала од сцената во салата, која е најголем објект од затворен тип во Манчестер, со капацитет од 21.000 гости.
Во исходот на експлозијата, сведоците зборувале за стравот и збунетоста која создала хаос на настанот.
Енди Холи, кој отишол во арената да ги земе својата ќерка и сопруга кои биле на концертот, вели: „Се случи експлозија и ме исфрли околу 10 метри од едната врата до другата. Кога станав, видов тела како лежат на земјата. Првата мисла ми беше да влезам во арената и да се обидам да си го најдам семејството“.
Холи успеал да ги најде својата сопруга и ќерка, кои се добро.
„Експлозијата се случи на врвот на скалите и стаклото експлодираше, каде што продаваа албуми и маици. Целата зграда се потресе. Имаше експлозија и оган отпосле. Имаше тела насекаде“, вели Ема Џонсон, која заедно со сопругот отишла да ги земе своите деца, 15 и 17 години, од концертот.
На Твитер, преку хаштагот #MissingInManchester се шират информации за присутните на концертот кои се уште не се идентификувани или лоцирани. На #RoomForManchester, пак, локалните жители нудат сместување за туристите кои се заглавени во градот поради прекинот на транспортот.
Фејсбук активираше и алатка за забележување на корисниците дали се безбедни, за нивните пријатели и семејства да знаат дека се добро.