Во Џебното кино на Младинскиот културен центар вечерва со почеток од 20 часот ќе се одигра претставата „А што потоа?“.
Претставата е во режија на Драгана Гунин, а играат актерите: Бојан Лазаров, Јанка Лефкова, Нина Максимова, Марјан Наумов, Дарко Ристовски, Благојчо Стојанов, Емине Халил.
„А што потоа?“ зборува за жртвите од терористичките напади и војни, конкретно војната во Сирија.
Како локации за обработка се земени градовите: Париз, Берлин, Анкара, Брисел, Истанбул, Ница и Дамаск (секаде каде што се случил напад).
„Знаејќи дека во изминатава година има скоро три илјади терористички напади во светот со илјадници жртви, а многу ретко се зборува и се посветува внимание на тоа, решивме да ги земеме нападите кои нам ни беа познати (од 2015 и 2016 година, секако не сите) и решивме да ги истражиме малку повеќе со тоа што не ги игнорираме и нападите за кои воопшто не бевме слушнале.
Ова е приказна од луѓе за луѓе. Ова е приказна за сите кои престанале да живеат затоа што некој сметал дека е паметно без причина да одземе туѓ живот. Ова е приказна за луѓе кои можевме и можеме да бидеме“, велат од театарската екипа.
Претставата ја имаше својата премиера на 11-ти април. Текстот за претставата го напишаа глумците заедно со режисерката Гунин. Самиот текст е инспирација од вистински случки и луѓе кои починале во еден од терористичките напади.
Целата претстава е ставена во рамки на документарен театар, кој пред сè има за цел да раскаже вистински настани, да го продлабочи новинарското истражување и да направи приказна која ќе остане како сведок на едно време што се случило а за кое многумина избираат да не зборуваат.
Претставата содржи вознемирувачки материјал и не се препорачува за лица помлади од 14 години.