Документарниот филм „STUDaNTS“ на Тамара Котевска, која дипломираше на Катедрата за филмска и ТВ-режија во класата на проф. Антонио Митриќески, ја доби наградата „Најдобар балкански филм“ во официјална конкуренција на Интернационалниот фестивал за документарен филм во Тирана.
Филмот е дипломски труд во продукција на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, сценариото и режијата се на Тамара Котевска, монтажата е на Сандра Ѓоргиева и Андреј Ристески, извршен продуцент е Ирина Лазарова.
Котевска го снимаше филмот како студент, во текот на програмата „Work and Travel“ во Масачусец, САД, во кој протагонисти се и Марија Гелмановска и Ирина Цонеска. Филмот „STUDaNTS“ го компарира животот на студентите кои преку програмата одат во САД и мравките кои мигрираат во поголемо гнездо, а оваа компарација е доловена преку автентична нарација преземена од 10-ина документарци за мравки и преиграна со гласот на Мартин Манев.