Проекција на шведскиот документарен филм „Фини луѓе” во Кинотека

Амбасадата на Шведска во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија ќе го прикаже шведскиот документарен филм „Фини луѓе”. Прикажувањето на филмот ќе биде вечерва, 25-ти и сабота, 27-ти мај во 20:00 часот во Кинотеката.

Филмот ја раскажува приказната на група млади луѓе кои  бегаат од војната во Сомалија и се населуваат во Борланге, мал град северно од Стокхолм, каде процесот на интеграција оди тешко. Локалниот претприемач Патрик Андерсон добива идеја да го користи спортот како мост кој ќе ги доближи луѓето едни кон други. Сака да го создаде првиот сомалиски национален тим во банди (спорт кој е сличен на хокеј, но наместо пак користи топче) и да го подготви за учество на Светското првенство во Сибир, иако членовите на тимот никогаш претходно не лизгале.

Всушност, ова е приказна за расизам, страв и предрасуди, но и за храброста да се направи нешто за прв пат, како и за значењето на културата, спортот и истрајноста во надминувањето на бариерите и сплотувањето на заедницата.

Филмот е добитник на награда од публиката на Интернационалниот фестивал на документарни филмови во Будимпешта и Филмскиот фестивал во Хамбург.

Режијата е на Карин аф Клинтберг и Андерс Хелгесон, кои се јавуваат и како сценаристи покрај Филип Хамар и Фредрик Викингсон.

За проекцијата потребно е претходно да се резервираат билетите во Кинотека на телефонот 02/3065968.