Министерот за образование и наука, Пиштар Љутфиу побара од учениците да се подготват за екстерното тестирање, кое оваа година поради околностите и процедурите не можело да се укине.
„Апелирам до парламентарните групи да ги забрзаат промените на законот и истиот да помине по забрзана постапка. Имајќи ги предвид политичките околности, ги повикувам учениците релаксирано да се подготвуваат за испитот, нема потреба да бидат под стрес бидејќи следната година ќе се укине екстерното“, изјави Љутфиу, пренесе ТВ21.
Народниот правобранител, Иџет Мемети исто така смета дека екстерното тестирање предизвикало многу проблеми и дека треба да се укине.
„Во РМ брзајќи да се воспостави нов систем за подобрување на квалитетот на образованието, се нарушија правата во основното и средното образование. Сите наши извештаи говорат дека воспоставувањето на тој систем без потребната подготовка, предизвика многу проблеми кај учениците и пропадна како таков“, рече Мемети.
СДСМ пред една недела достави предлог за измена на Законот за образование, односно за укинување на екстерното тестирање. Од оваа партија ги повика сите останати партии да го поддржат предлогот, за кој велат дека е од полза на учениците, наставниците, родителите и граѓаните воопшто.
Лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев вчера нагласи дека еден од императивите на моменталните преговори со партиите е новата влада. Но, според него ако до понеделник не се договорат за тоа, тогаш барем да го укинат екстерното тестирање.
„Верувам дека тоа ќе направи една слобода и кај нас родителите и кај наставниците и кај дел од децата. Укинувањето на екстерното тестирање, после полагањето на испитите не ја врши својата улога, тоа е наше изборно ветување, изборно ветување и на другите партии, партиципиенти во владата. Ако бидеме подготвени, јас сум подготвен да дебатираме за Влада и во понеделник, ако навистина ги заокружиме сите работи. Понеделник ќе биде почеток на една недела за едни убави моменти за сите граѓани“, изјави синоќа мандатарот Заев.