28 здруженија и граѓански организации добиле вкупно 800.000 евра од македонската Влада минатата недела, според одлуката објавена во Службен весник издаден на 23 мај. За поголем дел од овие организации не можат да се најдат никакви податоци при пребарување на интернет. Некои водат кон празни страници или пак кон декорација на нокти, додека еден дел од нив се совпаѓаат со организации кои во минатото организирале активности против опозицијата.
Грант од државниот буџет од 3 милиони денари, или нешто помалку од 50.000 евра, добило Здружението Јасна иднина од село Небрегово, Долнени. Оваа организација има интернет-страница (Во првичната објава погрешно беше наведено дека здружението нема своја интернет страница*), на која може да се забележи дека во еден ден (16.04.2017) се објавени четири реализирани проекти во периодот од 2012 до 2016 година, додека во делот „објави и новости“ објавен е само демантот испратен до РадиоМОФ на овој текст. При интернет пребарување на Гугл, се појавуваат повеќе вести од 2009 година, кога ова здружение било посочено од СДСМ како нарачател на медиумската кампања „Отпор кон Бранко Црвенковски“.
Уште тогаш од партијата побарале од здружението да „обелодени кој ги финансира и во колкав износ“.
Проектот за кој што им е доделен грантот има назив „НВО од руралните средини и новите технологии за видливост и промовирање“.
Здружението за општествена грижа и владеење на правото Урбано општество добиле од Владата 3.070.000 денари (скоро 50.000 евра) за проектот „Заедно за подобро општество“. Преку пребарување на интернет, може да се дојде до информации дека Урбано Општество е формирана во 2012 година и е дел од мрежата „SALTO-YOUTH“ и како личност за контакт е посочен Мартин Серафимов. Серафимов и „Урбано Општество“ на исто место можат да се најдат и кога заедно со други невладини организации марширале со велосипеди на 7-ми февруари 2013-та година – „гневни што опозицијата со автомобилите го блокира Скопје“.
Името на Серафимов и „Урбано Општество“ можат заедно да се најдат и на фејсбук. Страната има профилна слика со сонцето од Виргина и последните фотографии асоцираат на протестите „За заедничка Македонија“. На сликите од претходно може да се најдат потпишани меморандуми за соработка со Студентскиот парламент на УКИМ во мај 2014 година и со невладина организација од Полска. Повеќе благодарници и неколку агенди од нивни активности.
Здружението за младински активизам Квантум добиле 2.460.000 денари (40.000 евра) од Владата за проектот „Средношколска унија на млади (СУМ) – демократска и креативна асоцијација на млади“. За оваа организација нема никакви податоци при пребарување на Гугл, освен дека во 2012-та година организирале студиска посета на Агенцијата за млади и спорт за „запознавање со мерките кои се преземаат од македонските институции во поглед на младинската невработеност“.
Здружение Меѓународен центар за образование и обука од Прилеп, пак, за проектот „Здраво семејство за здрава младина“ исто така добиле 40.000 евра. Пребарување на организација со овој назив на ГУГЛ не дава никакви резултати.
Нема конкретни информации и за Здружението на граѓани на Крушево Европравец, кои добиле нешто над 3 милиони денари за проект „Етно ехо“. Оваа организација фигурира само во фејсбук објава на 93 НВО-а кои во март 2014 години се приклучиле кон коалицијата „Излези да гласаш“ за набљудување на изборниот процес и кампањата за претседателските и парламентарните избори. Во оваа коалиција повторно се појавува и името на организацијата „Урбано Општество“.
Здружението за развој на информатичко општество Информак од Струмица добиле 30.000 евра. Иако може да се најде нивна интернет страница, освен контакт телефон и кратки информации дека организираат семинари, курсеви и симпозиуми, сајтот е празен и разните „јазичиња“ водат до грешка или до празни содржини.
Нема информации ни за Здружението Развоен Центар Ново Село, кои предложиле проект „Нови технологии за нови промени“ и добиле 30.000 евра. Нивниот назив се појавува на сајтот на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) со 55 ијади евра одобрен буџет во 2014-та година во областа „мобилност на ученици“.
Скоро 50.000 евра добила и организацијата ОРТ, која се бави со одржлив развој. Оваа организација која се рекламира со мотото „18 години придонес, креативност, труд“, има своја веб-страна и фејсбук страница. На сајтот се појавуваат повеќе информации и неколку фотографии од претходни настани кои ги организирале, додека стои информацијата дека имаат вработено 3 лица, од 3 до 10 хонорарци и редовни 10 волонтери во годината. На нивната фејсбук страна, меѓу фотографиите од спроведени проекти, може да се забележат и фотографии од декорирање нокти и козметички услуги (Од „ОРТ“ добивме објаснување за фотографиите по објавата на текстот).
Професионално изработена е и веб-страната на Здружението за развој на ромската заедница во Македонија Сумнал кои добиле 1.845.000 денари. На неа пишува дека се основани 2004 година за потребите на државните училишта и на населбата Топаана поврзани со „исклучително слабиот успех на училиште, висока стапка на осип од училиштата, неписменост и мала свесност за важноста на образованието“, а има и доста информации за проекти кои се спроведувале претходниот период.
Веб-страна има и Здружението на граѓани – ЗОНА од Кавадарци, кои добиле нешто помалку од 50.000 евра за проект „Заедно за подобро општество“. Според информациите на нивниот сајт, формирана е 2003-та година и работи на програмите за намалување на штети од употреба на дроги на општинско ниво од 2003 година. Во делот „публикации“ имаат еден информативен флаер за ХИВ, а во делот „активности“ за проектот „Migration is not a crime“, иако нема точен датум од кога е активноста.
Владата, овој оглас за финансиска поддршка го објави на крајот на март, а практично беше најавен на крајот на минатата година од поранешниот премиер Никола Груевски, кој во повеќе наврати порача дека државата треба да одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор.
Даниел Евросимоски
* Корекција на текстот: До редакцијата на РадиоМОФ еден ден по објавата на овој текст стигна демант од Здружението „Јасна Иднина“, во кое тие реагираат на делот во кое погрешно беше наведено дека организацијата нема свој веб-сајт. По демантот и посочувањето на адресата на веб-сајтот, авторот на текстот се извинува за направената грешка.
Погрешниот заклучок е изведен бидејќи веб сајтот на Здружението не излегува во резултатите при кирилично или латинично пребарување на интернет пребарувачот Гугл.