Здружението на граѓани „Спас за нас“ од Гевгелија („Спас за Гевгелија“) пријавува неовластени градежни активности на локалитетот Асан чешма, до регионалниот пат Смрдлива вода – ски центар Кожуф, каде велат е поставена платформа за бушење на дупки во земја.
„Бушењата ги врши компанијата ‘Резервоар Минералс’ – Скопје. Согласно Одлуката за доделување на Концесија за детални геолошки истражувања, сакаме да ве информираме дека истата има важност до 27.05.2017 година (Службен весник бр. 77/2013). Согласно горе изнесеното сметаме дека оваа компанија со оваа активност врши неовластено и незаконско вршење на градежни активности на терен што се води како шуми, на самата ивица на регионален пат, користи технологија која може да ги загади сливните притоки на реката Сливка која тече низ Смрдлива вода и самите извори на минералната вода“, стои во пријавата на Здружението.
Пријавата е пратена до државен инспектор за патишта, Државен инспекторат за шумарство, Државен инспекторат за екологија и општински инспектор за градежништво – Гевгелија.
Здружението бара веднаш да излезат на терен, да ја утврдат фактичката состојба и ги преземат сите законски мерки.
Фото: Спас за Гевгелија