Стари филмови во импровизирани киносали – културниот живот е луксуз во помалите градови

Скопје веќе не е единственото место за гледање на филм во кино со квалитетна проекција. Вака Министерството за култура се фалеше во 2012 година, кога десетина центри за култура добија нови дигитални проектори. Пет години подоцна, културниот живот во помалите градови и понатаму се смета за луксуз, но не поради цената на билетите, која најчесто е симболична, туку поради застарените репертоари и немањето на соодветни киносали.

Во повеќето градови низ државата, не постојат посебни киносали, туку истиот објект се користи и за театарски претстави, или пак, за одржување на локални приредби.

Делчево и Тетово се дел од градовите кои беа зафатени од проектот на министерството за дигитализација на киносалите. Сепак, тоа не ги врати граѓаните на навиката за одење во кино.

„Кино зграда имаме, но никој не оди во кино, бидејќи многу ретко се пуштаат филмови. Дали еднаш во годината“, вели Симона, студентка од Делчево.

Таа е само една од многуте млади луѓе кои попрво решаваат да ги гледаат најновите филмски остварувања на своите лаптопи, отколку да одат во кино.

Во Тетово, пак, изминативе неколку години невладините организации прават обиди за заживување на културниот живот. Тие организираат фестивали со цел да ги поттикнат граѓаните да посетуваат кино, па дури и ако е импровизирано.

Според Ана Андонова, волонтерка на еден од локалните филмски фестивали, вели дека последното вистинско кино се затворило во 90-тите години поради појавата на видео плеерите во домовите. Во денешните импровизирани киносали, пак, се дава по еден филм неделно, кој мора да не е произведен во последните две години.

„Во тоа се губи вистинската смисла на киното, тоа очекување на некој најнов филм на големото платно. Наместо тоа, на ‘репертоарот’ има филмски евергрини кои секој ги гледал“, вели Андонова.

„Нема таква институција (кино) во вистинска смисла. А и доколку би имало, сметам дека не би биле сите проекции секогаш полни со публика. Тоа сме забележале од театарските претстави. После второто прикажување и да е бесплатно нема многу публика“, додава таа.

Според неа, причина плус што нема толкава заинтересираност е и тоа што не постои интернет регулатива што забранува преземање на филмови. Сепак, како пречка ги наведе и малите приходи, кои прават посетата на кино да биде луксуз. Тоа го покажаа и податоците од најновата анкета на Институтот „Фајненс тинк“, според кои, 68 отсто од граѓаните немаат пари да посетат кино или театар.

„Киното треба да биде достапно за сите и да се дава тоа што публиката најмногу го сака и тоа што е најново, затоа што не е време за ризикување и експериментирање со филмови“, смета Андонова.

 Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на прикажани филмови е зголемен за 9,7 отсто во споредба со 2015 година. Лани се прикажале 985 филмови, се одржале 16 295 кинопретстави, а имало 441 017 посетители. Сепак, овие бројки се поразителни, ако се знае дека од вкупно 14 кина во 11 градови, четири се наоѓаат во Скопје, а во сите други градови има по едно кино. Во однос на филмовите, пак, од вкупно прикажаните 985 филма, 710 се прикажани само во Скопје, додека во Струга, на пример, биле прикажани само два филма.

Под мотото „Да, за прикажување нови филмови во киното во Охрид“, охриѓанецот Дамјан Милески пред еден месец покрена онлајн петиција со која бара од Центарот за култура „Григор Прличев“ да ги прикажува најновите светски филмски остварувања.

„Сите луѓе уште од најмала возраст се запознати со филмот. Филмот нѐ учи на љубов, морал, среќа, тага и нѐ носи во нови светови создадени во фантазијата на режисерот кои ни даваат чувство на авантура. Нѐ запознаваат со животите на најпознатите и највлијателните личности во историјата, ни го збогатуваат знаењето за планетата, вселената, литературата. Сето тоа прикажано на големото платно допира до срцата на гледачите, но таква шанса во Охрид сѐ уште немаме“, вели тој во петицијата.

„Јас како љубител на филмови како и многу мои сограѓани сакаме да се прикажуваат нови филмови во киното кое е дел од Центарот за култура „Григор Прличев“. Желбата да гледаме најнов филм од омилен глумец, режисер нѐ тера да патуваме до Скопје, Битола, а може да го зачуваме времето поминато во пат за нешто друго. Верувам дека имаме доволно публика која сака да гледа филмови, односно која ќе ја поддржи оваа петиција“, додава Милески во петицијата.

Со патувачко кино за децентрализација на уметноста

Секоја година, во летниот период од годината, тргнува патувачкото кино на „МакеДокс“, интернационалниот фестивал за документарни филмови. Целта на оваа иницијатива е да им овозможи на жителите на малите и рурални места низ државата да уживаат во уметноста на документарните филмски остварувања под отворено небо во нивната непосредна средина.

„Како лушпи на кромидот, симбол на фестивалот „МакеДокс“, на примарната цел во слоеви се обвиткани и желбата да се пренесе љубовта кон филмската уметност, да се пренесат пораките и идеите на филмските остварувања на што поширок круг гледачи, активно да се делува на дисперзија на културните и уметнички вредности во средини каде можностите за синеастичко доживување згаснале пред 30-40 години, да се поттикне дијалог меѓу екипата на „МакеДокс“ и локалното население и многу повеќе“, велат од „МакеДокс“.

Филмски проекции досега прикажале во речиси сите градови низ државата.

Патувачко кино на „МакеДокс“ во Костурино, 2016 година

„Во последните четири години Патувачкото кино делува на регионален принцип и филмовите од својата фестивалска програма ги однесе во преспанскиот, демирхисарскиот, валандовско-гевгелискиот регион, како и во славна Дебарца“, појаснуваат од „МакеДокс“.

Од она што досега успеале да го забележат при директна комуникација со населението, најчесто што недостасува се основни инфраструктурни проекти, како пристапни патишта, водовод, канализација. Речиси секаде ја истакнувале потребата од објекти кои ќе бидат исполнети со културни содржини.

„Децентрализацијата на културата е потребна бидејќи секогаш има повратна спрега која има активно дејство во подобрувањето на квалитетот на живеењето на сите граѓани. Пораките на уметничките (филмски, музички, ликовни) дела, особено кога станува збор за селектирана содржина која била претставена и на фестивалот „МакеДокс“ во Скопје, носат идеи за разбирање и толеранција, ги прошируваат световните и духовните хоризонти, носат високо ниво на естетика и секогаш дејствуваат во насока на подобрување на светот во кој живееме. Убаво е кога таквите пораки ќе бидат пренесени и во урбаните и во руралните средини и ќе допрат до што поширок круг луѓе во државата“, сметаат од „МакеДокс“.

Е.П.