Департизација и поголема вклученост на граѓаните за реален развој на општините

Темелна департизација во работењето на општините, правилно распоредување на трошоците, но и поголема вклученост на граѓанскиот сектор, се клучни за јакнење на локалната самоуправа, смета Марко Панковски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Тој за Радио МОФ вели дека децентрализацијата како демократска придобивка за општините и нивното осамостојување најмногу зависи од задоволување на реалните потреби и можности на граѓаните во заедницата.

Марко Панковски

Марко Панковски

„Формално, во Законот за локална самоуправа предвидени се механизми за вклучување на граѓаните при донесувањето на одлуки во единиците на локалната самоуправа. Некои од нив се предвидени да бидат иницирани од општините, додека некои од самите граѓани. Сепак, тие често не се спроведуваат поради недостаток на капацитет кај општините, недостаток на политичка волја, начинот на кој тие се регулирани, но и поради незапознаеноста на голем дел од граѓаните со овие механизми на локална вклученост“, вели Панковски.

Според него, овие механизми се застарени, имаат високи прагови по повеќе основи и не вклучуваат нови платформи на комуникација, како на пример социјални медиуми, кои би ги направиле поевтини, почести и би овозможиле тие да бидат подостапни за поголем број на граѓани.

„На општинско ниво, различни општини имаат институционализирано различни механизми за вклученост во своите статутарни документи со тоа што во тој дел некои општини се формално-правно многу понапред во однос на други општини и затоа е потребно координирано споделување на ресурси и добри практики помеѓу општините во делот на граѓанска вклученост и партиципативно буџетирање“, смета Панковски.

Една од должностите на општината е да обезбеди економски развој за градот и своите жители. Проблемот со иселувањето на граѓаните со текот на годините се шири во локалните средини во загрижувачки размери. Токму затоа, вели Панковски, потребен е поспецифичен, краткорочен и насочен пристап кој ќе ги опфати социјално загрозените граѓани и младите.

„Имајќи во предвид дека голем дел од граѓаните кои се иселуваат припаѓаат на социјално загрозените категории, еден од начините со кој може да се адресира овој проблем е да се пристапи кон децентрализација на системот на социјална заштита и зголемено вклучување и соработка со граѓанскиот сектор во заеднички активности, потреба која беше евидентирана и во мониторинг извештаите кои Институтот ги издаде во рамки на проектот „Унапредување на социјалната заштита преку ефективно искористување на ЕУ фондовите“, забележува Панковски.

Покрај ова, вели тој, потребно е креирање на специфични политики кои ќе бидат насочени кон младата популација, која во најголем број се отселува од земјата.

„Еден од начините со кој може да се работи на овој проблем е воведувањето е познатиот механизам на младинска гаранција, механизам кој претставува всушност начин на обезбедување на можности за младите за дополнителна надградба по завршувањето на процесот на формално образование“, појасни тој.

Потребно е општините да го поддржат граѓанското општество, особено локалните организации кои со својата работа прават разлика во своето опкружување, нагласува Панковски.

„Во тој дел, проблематично е што во најголема мера се поддржуваат спортски здруженија или здруженија кои работат на организација на традиционални културни настани и манифестации притоа занемарувајќи ги останатите тематски области во граѓанските организации се активни. Иако поддршката на ваков тип активности е потребна и важна за голем дел граѓани, сепак тоа го оневозможува пристапот кон средства на голем број на здруженија кои со својата работа ги опфаќаат темите кои ги наведовте“, вели тој, наведувајќи три главни причини за ваквата селективност.

„Прво, традиционалното гледање на тоа која е улогата на граѓанските организации во целина. Второ, недоволното разбирање на важноста на овие теми за граѓаните во локалната заедница. Финално, низа на идеолошки и политичко-партиски побуди кои варираат од општина во општина“.

Ова, пак, смета Панковски, води кон оттуѓување на овие здруженија од своите општини и ја оневозможува заедничката соработка за одреден општествен проблем.

Во однос на процесот на децентрализацијата, Панковски смета дека се уште постојат низа предизвици кои претстојат во иднина. Но, според него, не треба да се заборави дека тоа е постојан и долг процес кој треба да се надградува во сите компоненти како: децентрализација на власта, фискалната децентрализација, територијалната организација и јакнењето на капацитетите на општините.

„Иако децентрализацијата формално постои, голем дел од одлуките дали одредена јавна услуга ќе остане во општината се носат централно, наместо тие да произлезат од координација помеѓу населените места внатре во општината или помеѓу општините“, истакна Панковски.

Е.П.