Организацијата „ОРТ“ реагираше на текстот на Радио МОФ „Владата дала 800.000 евра на НВО-а за кои и на Гугл му е тешко да ги најде“ дека со дел од информациите во него се дискредитира организацијата.
Во мејлот до нашата редакција, директорката Биљана Стевановска посочува дека сликите од декорација на нокти објавени на нивната фејсбук страница се дел од нивните обуки, демантирајќи дека нудат некакви козметички услуги.
„Организиравме стручен курс за надградба на нокти, кадешто од 20 запишани лица, успешни 8 жени денес се со вештина која може да им донесе вработување, или пак сами да почнат бизнис. Нашата објава на ноктите е за да ги пофалиме учесничките колку добро напреднале во учењето. Ги бодриме и со визит карта, леток, бизнис план, Биографија и препораки, само за да можат да успеат во животот. Помош на невработените лица за вас е небитна работа, веројатно, штом ја критикувате нашата работа“, стои во реакцијата.
Од организацијата коментираат и дека и тие, како и многу други здруженија, имаат тешкотии во одржувањето на интернет страниците.
„За многу здуженија финансиски е тешко да имаат веб страница, доколку не добијат донација за тоа. Што значи дека и ние имаме тешкотии да ја одржуваме. Некои здруженија работат ентузијастички на терен и немаат потреба од веб страница“, додаваат од организацијата.
Во реакцијата од „ОРТ“ наведуваат дека веќе 19 години работат независно и непартиски во соработка со многу многу стручни лица и доброволци, организации, општини и министерства без разлика на тоа дали се позиција или опозиција.