Тимот на Македонско еколошко друштво успеа да направи фотографија на младо од рис, за првпат по 11 години истражување на балканскиот рис.
Оваа вест доаѓа откако во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеа да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега.
Како што соопштуваат од тимот Маја, женката рис, која била обележана со ГПС „нè одведе до нејзиното дувло и таму ни го покажа најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче“.
Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направил членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.
„Неверојатна радост е да бидеш првиот кој ќе види младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за зачувувањето на ова неверојатно животно“, изјави Чоровски.
„Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација балкански рисови во Македонија. Се надеваме дека преку неговото следење, како и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија кои ќе ни помогнат во нивното понатамошно зачувување, сметаат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, којашто ја спроведува МЕД“, велат од еколошкото друштво.
Опстанокот на ретките животи во Македонија помеѓу негрижата на власта и беззаконието