[Став] „Џелат“ или заштитник на пазарот: Комисијата за заштита на конкуренцијата

Комисијата за заштита на конкуренцијата е пазарен „џелат“ кој може да ги изрече највисоките глоби во македонскиот правен систем. Тие достигаат и до 10 проценти од вредноста на вкупниот годишен приход на една компанија. Има ли доволно гаранции за независноста на оваа комисија, чиј замав може да урниса цели компании?

На 23 мај 2017 година на веб страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата осамнаа две одделни, но меѓусебно врзани новости – едната за глобата изречена на Пивара Скопје АД, а другата за глобата изречена на Пиварница АД Прилеп. Станува збор за две прекршочни глоби изречени врз основа на Законот за заштита на конкуренцијата поради тоа што, како што е образложено во решенијата на Комисијата, секоја од пиварите ги спречувала дистрибутерите самостојно да ја одредат крајната продажна цена на пивото. Така, на секоја од пиварите и се одзема 10 отсто од вкупниот годишен приход, односно се изрекуваат две глоби чиј вкупен износ е  8,5 милиони евра или 524,771,415 денари. Десет отсто од приходот на Пивара Скопје е 5,8 милиони евра, додека истиот процент од приходот на Пиварница Прилеп изнесува 2,7 милиони евра. Токму тој енормен износ несомнено ќе не доведе до дилемата – дали со вака широките овластувања Комисијата за заштита на конкуренцијата (која е регулаторно тело) се јавува како заштитник на пазарните механизми или пак „џелат“ кој во ракавот ги носи најсериозните (парични) санкции во нашиот правен систем? Има ли доволно гаранции за независноста на оваа комисија која евидентно може да урниса компании и да го оневозможи нивното натамошно функционирање?

Комисијата и нејзините екстензивни надлежности

Комисијата за заштита на конкуренцијата е регулаторно тело, орган кој (барем според законот) е независен и самостоен, формиран од Собранието на Република Македонија со Законот за заштита на конкуренцијата. Сочинета е од пет членови и стручна служба. Секој од членовите на Комисијата за заштита на конкуренцијата е избран од Собранието на Република Македонија, за мандатен период од пет години со право на повторен избор. Од аспект на надлежностите, Комисијата го спроведува споменатиот закон како и Законот за државната помош, односно ја штити конкуренцијата преку следење на состојбите на пазарот, водење управни постапки, давање стручни мислења на Владата и Собранието, како и изрекување прекршочни санкции.

Најинтригантна е последната надлежност, прекршочната. Имено, Комисијата е всушност органот на кој законодавството му дозволува да ги изрече највисоките глоби во целокупниот македонски правен систем. Тие достигаат и до 10 проценти од вредноста на вкупниот годишен приход на едно претпријатије (конкретниот процент самостојно ќе го одреди Комисијата), што несомнено ќе доведува до заклучок дека законодавството ја чини Комисијата пазарен „џелат“ чијшто замав може да усмрти или да парализира компанија, независно колку е успешна и стабилна. Едноставно, одземањето на 10 отсто од годишниот приход (вреди да се спомене дека приходот е значајно повисок од добивката или профитот) на една компанија ги менува нејзините целосни операции, активности и инвестиции. Па така, во текот на само еден ден беа изречени глоби од 8,5 милиони евра, односно беше одземен 10 отсто од приходот на двата најголеми производители на пиво во земјата, Пивара АД Скопје и Пиварница АД Прилеп.

Говорејќи за овие ингеренции, не постои сомнеж дека тие мора да бидат ревидирани и изменети, од две суштествени причини: прво, постои судир со Законот за прекршоците; второ, во нашата земја постои сериозен сомнеж за независноста на сите институции, поради што е навистина тешко да се верува дека комисија од пет членови со толку големи овластувања ќе остане целосно независна. Притоа, целта на ревизијата не е да се спасат од казна оние компании кои станале монопол или создале картели, туку да се заштитат од казна оние кои работеле согласно законите.

dzelat ili zastitnikИзвор: http://www.insurancebusinessmag.com/uk/

Реформа на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата

Првата причина поради која надлежностите на Комисијата, во делот на изрекување глоби, мора да се ревидираат е судирот на Законот за заштита на конкуренцијата (каде се пропишани надлежностите) и Законот за прекршоците. Со други зборови, фактот што Комисијата ги изрекува паричните санкции поради прекршок (повредата на конкуренцијата на пазарот е прекршок, а не кривично дело) значи дека Законот за прекршоците се применува како општ закон, на постапката и самата глоба. Во него, пак, е предвидено дека за одредени прекршоци од областа на заштитата на конкуренцијата смее да се пропише глоба и до 2 отсто од вкупните приходи на претпријатието (чл. 38, ст. 7). По логика на нештата, формулацијата „смее да се пропише глоба и до 2 процента…“ значи дека повисока глоба никако не смее да биде пропишана (argumentum a contrario).

Втората причина поради која говориме за ревизија на надлежностите на комисијата е правната сигурност. Во земја во која со години наназад, особено по таканаречените „бомби“, постои сомнеж за независноста на судството дотолку повеќе не смее да се доверат толку сериозни овластувања на петчлена комисија. Едноставно, не постојат и не можат да се срочат доволно законски гаранции за независноста, колку што може да постојат скепси и дубиози.

Се претпоставува дека како одговор на поставените критички прашања македонскиот законодавец би ја понудил Регулативата 01/2003 на Советот на Европската унија, донесена на 16.12.2002 година за борба против картели. Во неа, односно во нејзиниот член 23 се предвидува дека Комисијата на Европската унија ќе изрече парична санкција (глоба) во висина и до 10 отсто од годишниот промет (во претходната деловна година) на секое претпријатие (или збир на претпријатија) кое ќе ја злоупотреби доминатната положба на пазарот. Од ваквата одредба во членот 23 навистина се чини, на прв поглед, дека Регулативата 01/2003 ги оправдува и рационализира широките овластувања на Комисијата за заштита на конкуренцијата во Република Македонија. Аргументите уште повеќе се засилуваат кога ќе се спомене и принципот на ефикасност – регулаторните тела (во нашиот случај Комисијата за заштита на конкуренцијата) по правило се поефикасни од судовите, а злоупотребата на доминантната положба на пазарот мора да биде ефикасно и експедитивно неутрализирана.

Сепак, постојат повеќе причини поради кои членот 23 од Регулативата 01/2003 и не може да служи како аргумент во прилог на широките овластувања на македонската Комисија за заштита на конкуренцијата. Најнапред, самата Регулатива 01/2003 во оние членови во кои говори за соработката помеѓу Комисијата на Европската унија и властите на земјите членки ја користи формулацијата „компетентните национални органи или судови“, притоа имплицирајќи дека државите сами ќе одлучат чија надлежност ќе биде постапувањето и санкционирањето во случај на повреда на конкуренцијата. Понатаму, споменатата Регулатива ги алоцирала надлежностите за санкционирање кај Европската Комисија бидејќи институционалната рамка на Европската унија не содржи посоодветен орган, што не е случај во националните правни системи. За крај, целосното прифаќање на европски решенија во правниот систем на Република Македонија е несоодветно, имајќи го предвид споменатото сомневање во сите институции!

Што е решението?

Како пример за соодветно решение се истакнува она во Австрија. Таму Федералниот орган за заштита на конкуренцијата (формиран со закон и сличен на нашата комисија) има превентивни и мониторирачки овластувања, а санкциите ги изрекува посебен Суд за борба со картели. Поинаку речено, кога овој орган ќе утврди повреда се покренува итна постапка пред Судот против картели, што на компанијата ѝ нуди гаранција дека нејзините права ќе бидат заштитени, т.е. дека нејзината вина ќе биде правилно утврдена. На тој начин во правниот систем на Австрија се овозможуваат обете начела: правната сигурност и ефикасноста. Од една страна, високите санкции (до 10 отсто од вкупниот годишен промет) може да ги изрече само суд, а од друга страна регулаторните тела постојано и ефикасно ја следат состојбата на пазарот и иницираат постапки со цел заштита на конкуренцијата. Освен тоа, треба да се отстрани и судирот помеѓу Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за прекршоците, бидејќи секоја колизија во законите создава нестабилност и несигурност во целокупниот систем на прописи.

Константин Битраков

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.