Претставата „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за неа“ во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов, а одиграна од театарот Кунстверкштат на Младинскиот образовен форум, ја понесе Гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ на 53. Драмски аматерски фестивал во Кочани.
Според жири-комисијата, наградата да биде доделена токму на Кунстверкштат, пресудна била „квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во една комплицирана естетика“.
„Не очекував дека баш Гран при наградата ќе дојде кај нас, што не значи дека не сум свесна за тежината и квалитетот на оваа аматерска претстава. Верувам во неа уште кога кај мене во стан паѓаа првите идеи за реализација“, вели режисерката на претставата, а инаку дипломирана актерка, Наталија Теодосиева.
Идејата била зачната пред многу време од членовите на МОФ, инспирирани од тоа како се поставува и чита Хармс во нашите театри.
„Хармс стана актуелен и многу провокативен, за оној кој го обработува, а бога ми и за оној кој ќе биде публика. Затоа решивме да направиме претстава од наша перспектива“, раскажува Теодосиева за зачетокот на претставата.
Нејзиното познавање на делото и животот на Хармс, вели дека само „додало масло во огнот“.
„Случувањата низ кои поминуваме подолг период се главната инспирација и би рекла провокацијата за ова мое изразување преку претставата. Светот во кој живеам одлично се провлекува меѓу стиховите и редовите на Хармс. За среќа или несреќа, апсурд насекаде“, заклучува Теодосиева.
Најголем предизвик за неа како професионална актерка била да води група аматери, низ ваква материја и начин на работа. На почетокот, вели, сѐ изгледало невозможно, со оглед на тоа што актерите не посетувале часови по глума и студираат сосема различни факултети.
„Сепак, низ многуте вежби и импровизации, сфатија зошто ги малтретирам“, се шегува таа.
Кунсверкштат напорно и посветено се подготвувале за фестивалот два месеци.
Жири- комисијата на ДАФ ја сочинуваа: м-р Димче Николовски, режисер, Андреа Голуб, драмски уметник и Венцо Димитров, сценограф.
Наградата за најдобра режија беше доделена на Димитар Шутевски „за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество“ за претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во изведба на Младинска сцена при Интимен театар – Битола. Истата претстава беше наградена и со Наградата за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз, „за искрената пожртвуваност и штедроста во создавањето на авторскиот проект“.
Сите награди можат да се најдат на веб-страницата на Драмскиот аматерски фестивал.