Новата власт решава за демонтирање на оградата околу барокниот владин објект  

Ќе се урива оградата околу Владата. Според извори на телевизија Телма од новата влада, ова прашање ќе биде на дневен ред на првата седница кој ќе се одржи денеска. Ќе треба да се утврди како е градена оградата и начинот на кој ќе се демонтира, со оглед на тоа дека според некои информации металните шипки биле вкопани во бетонот по 4 до 5 метри во длабочина, јави Телма.

Целта на новата власт е да се отвори просторот околу владината зграда како што беше претходно и тој да биде ослободен за движење. Пред преземањето на власта, новиот премиер Зоран Заев побарал портите да бидат постојано отворени се до отстранување на оградата.

Заобиколувањето на владиниот објект со бетонски столбови и метална ограда беше направено во септември 2015 година и чинеше 700.000 евра од државниот буџет. Голем дел од јавноста реагираше и ваквиот зафат го окарактеририра како „оградување од граѓаните и нивниот револт“, а претходната власт сметаше дека „нема ништо чудно“.

„Ниту се штитиме, ниту се криеме од некого. Нели, секоја куќа има ограда, секој двор, плац е ограден, па, така, нормално е и околу овој објект да се постави ограда“, рече тогаш во медиумите Васе Доневски, директор на владината Служба за општи и заеднички работи.

Оградата е само дел од низата зафати и „барокизацијата“ на претознатливиот објект кој е дел од домашни и странски книги како европско културно наследство на современата архитектура. Објектот во кој денеска е сместена Владата е изградена во 1970 година и во него беше сместен тогашниот ЦК на СКМ. Идејното решение за зданието доби прва награда со право на изведба, а подоцна авторот – архитектот Петар Муличковски доби признание и од светската организација на архитекти.

Менувањето на личниот опис започна уште пред 5-6 години, во духот на контроверзниот проект „Скопје 2014“. Низ јавноста се појавија различни реакции кон ваквата идеја, критики дојдоа од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ), од голем број здруженија и движења. Реагираше и авторот Муличковски. Не се согласи со намерата да се менува модернистичкиот изглед на објектот, како автор имал право да даде свое мислење и согласност, но дека тоа од него никој не го побарал. „Кога би имал булдожер, би го урнал новиот објект, ако направат каква било интервенција без да ме консултираат“, рече Муличковски.

Од владината служба, пак, одлуката ја аргументираа со недихтувањето на прозорците стари четириесетина години, кои покриваат речиси сто отсто од надворешноста на зградата. Од Службата тврдеа дека објектот губи енергија, а такви прозорци не се произведувале, не можело да се изврши нивна промена без да се менува целосната лушпа на објектот.

Владата на својата интернет страница спроведе онлајн анкета во чијашто автентичност веднаш се посомневаа критичарите на проектот „Скопје 2014“. Нивните аргументи беа дека со таквата онлајн анкета, практично, јавноста се става пред свршен чин – да избира меѓу понудените решенија и на тој начин да ја легитимира одлуката за измена на авторското дело на Муличковски. На интернет анкетата со 32 отсто од гласовите победи идејното решение на Филип Богатинов и Жарко Чаушевски, кој е автор и на барокната зграда на „Водовод“,замислениот барокен изглед на ГТЦ, двата барокни факултети во склоп на УКИМ, зградата до МОБ на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, предните фасади на зградите низ централното подрачје…

Според информациите од БИРН, рефасадирањето на владиниот објект досега „голтна“ близу 16,5 милиони евра.

Претседателот на ААМ, Мартин Пановски, во интервју пред една недела, зборувајќи за „Скопје 2014“ нагласи дека она што го гледаме од надвор е кич и неминовно е враќање на старите фасади на објекти како „НАМА“ и Владата.

„Од наша страна би било едноставно кукавички да речеме – во ред е, се потрошија пари за да се направи рефасадирање на Владата и толку, ќе не пишува во книги дека не сме направиле ништо. Активностите на „Скопје 2014“ веќе се влезени во историја, не само во нашата, како еден преседан во архитектурата и урбанизмот општо во светот. По тоа сме некои лидери сега, но во негативен смисол. Асоцијацијата претходно треба да работи на штетите коишто ги прави ‘Скопје 2014’, не како физички изграден простор, ‘Скопје 2014’ направи повеќе штети во однос на ценењето на архитектите, во однос на почитувањето на регулативата“, потенцираше Пановски.

Б.Ш.