Со протестен марш од паркингот пред Пливалиште до кружниот тек на влезот од Струга, граѓанската иницијатива „Доста“ вчера побара итен ангажман од локалната самоуправа и Владата за решавање на проблемот со дивата депонија, која гори со куси прекини од Велигден.
Стружани на кратко го блокираа кружниот тек, каде јасно побараа „Стоп за загадувањето“ и „Чист воздух сега“, потенцирајќи дека депонијата која се наоѓа во непосредна билизна на Струга, претставува постојана закана за жителите од овој град и околните места.
„Локалната самоуправа веднаш да преземе акција за целосно гасење на депонијата надворешно и внатрешно, а Владата под итно да закаже вонредна седница на која ќе дискутира за проблемот на стружани“, беше побарано на протестот.
Иницијативата побара да се формира работно тело од претставници на Министерството и локалниот инспекторат за животна средина, со цел да излезат предлог локации за одлагање на отпадот, се до формирање на регионални депониии.