Анализата на Министерството за внатрешни работи (МВР) за насилниот упад во Собранието од 27-ми април, утврдила пропусти во процедурите, системски недоследности и дисфункционалности кај одредени органи во МВР.
Анализата е направена по конечниот извештај на работната група задолжена за расчистување на собраниските инциденти. Министерот Оливер Спасовски изјави дека сознанијата наметнуваат потреба од реформи во системот.
„Овој извештај со филигранска прецизност потврдува дека заради партизираноста на одредени раководни структури во Министерството, овој државен орган падна на испитот на извршување на своите уставни и законски надлежности. Ова Министерство мора целосно да се департизира и декриминализира и да се ослободи од товорат за да може нормално да функционира. На вистинските професионалци во Македонија и на граѓаните им должиме Министерството да го исчистиме од срамот од 27 април и да ја вратиме честа угледот и довербата во институцијата“, рече Спасовски.
Министерот објави само дел од целосниот извештај поради кој е класифициран и не смее јавно да се прикажува.
Досега суспендирани се преку 23 лица, а сослушани биле околу 180 лица во МВР кои учествувале во настаните. Покренати биле и преку 45 дисциплински постапки до моментов, посочи Спасовски.
„Извештајот ќе биде проследен до соодветното Јавно обвинителство и оттаму ќе се класифицираат сите објективни и персонални одговорности. Мојата задача беше, во моментот кога ќе го добијам извештајот, да ја информирам јавноста за тоа. Бевме сведоци на шпекулации во јавноста, така што сметав дека е потребно да ги споделам информациите кои можам да ги споделам со јавноста, но оставам процесот да тече низ институциите на системот“, рече тој.
Спасовски додаде и дека еден дел од структурите во МВР, веднаш по настаните на 27 април, добиле задача да направат посебен извештај, кој требало да го подготват за еден ден и требало да даде такви резултати кои ќе им одговараат на поединци во МВР. Спасовски, сепак додаде, дека единствено правата анализа е извештајот на Работната група, која е единствено надлежна за случајот.