Кинотеката на Македонија одбива да ги прати во Шангај филмските копии (ДЦП) од филмовите на Милчо Манчевски за негова ретроспектива во Кина, тврди режисерот.
Ова е прво сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто, и тоа на покана на домаќините неповрзана со македонското министерство за култура.
„Ни најмалку не ме изненадува што Кинотеката не сака да ги прати моите филмови за ретроспективата на Фестивалот во Шангај. Не им е прв пат, иако јас им дадов дозвола да направат копии од моите филмови, па дури и ургирав кај странските партнери да дадат дозвола и да платат за старите филмски копии. Директорот на Кинотеката вели дека не сака да биде мој шпедитер, небаре Кинотеката нема обврска да го поддржува промовирањето на македонската култура. Веќе се навикнав на ваквиот однос од македонскиот културен естаблишмент“, изјави режисерот Манчевски.
Еден од најголемите фестивали во Азија, Филмскиот фестивал во Шангај организира циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание. Ќе бидат прикажани македонските филмови (европски копродукции) на Манчевски, но и неговите американски и кубански филмови.
Неговиот филм „Пред дождот“, беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Фестивалот Мао Лијун вели дека филмската академија го предава ПРЕД ДОЖДОТ „како библија во филмската нарација во три чина“.
Поради ова, на покана од Филмскиот институт во Шангај при тамошниот универзитет, Манчевски ќе одржи мастерклас под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста.
Непосредно потоа, галеријата при шангајската „Хсинхуа паблишинг груп“ организира изложба на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг. По тој повод, „Хсинхуа“ издава и книга со фотографии и есеи на Манчевски. Милчо Манчевски е и член на жирито на главната програма на фестивалот во Шангај.
Последниот краток експериментален филм на Манчевски, американско-кубанската копродукција „Крајот на времето“, во април освoи награда на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, каде што ја имаше и светската премиера. Фестивалот е квалификуван во номинациите за Оскар. Вчера „Крајот на времето“ ја имаше меѓународната премиера на фестивалот во Токио, Јапонија.
Радио МОФ контактираше со Кинотека на Македонија, од каде доби одговор дека официјална реакција за обвиненијата ќе биде објавена наскоро.