„Не е доволно да се каже ‘сакам промена’, туку и да се каже ‘сакам да се променам’“, рече Биргита Јонсдотир, пратеничката од Пиратската партија во парламентот на Исланд, на ENGAGE конференцијата за друштвен активизам.
Долгогодишната активистка, волонтерка на Викиликс и претседателката на Интернационалниот институт за современи медиуми, говореше за револуцијата во политиката и индивидуалната ангажираност за промена на општеството.
„Како политичарите легално да го слушнат нашиот глас? Легално да можеме да повикаме референдум за прашањата кои ни се важни? Немаше ли да биде добро да имавте референдум за сите овие лажни споменици? Неверојатно е да се види ова. Целата фасада и сите пари околу многу загадена река. Зошто тоа не беше ставено на референдум? Можеби луѓето ќе гласале да се исчисти реката, наместо за споменици? Никој не јаде споменици“, рече Јонсдотир во дел од своето обраќање.
Таа специјализира во креирање на закони за 21-виот век со фокус на директната демократија, слободата на изразување, информациите и дигиталната приватност. Јонсдотир била и волонтер на Викиликс кога се случи најголемото протекување на доверливи податоци во човечката историја.
„Бидете ангажирани – бидете промената. Можеби е клише, но навистина е така. Доколку секој од нас се бореше за демократија ќе имавме многу поинакво општество“, рече таа на крајот на својот говор кој во целост може да го погледнете во продолжение: