Унгарскиот Парламент, со 130 гласа за и 44 против, го усвои законот кој наметнува строги регулации на невладините организации финансирани со странски средства.
Новата регулатива ги засилува мерките за регисрација на овие невладини организации, под ризик на затворање доколку не соработуваат. Групите кои примиле повеќе од 24 илјади евра ќе мораат да се регистрираат како „организации поддржани од странство“ и таа назнака да ја имаат и на својата интернет-страница, на материјалите наменети за медиумите и на нивните публикации.
Десничарската Влада на премиерот Виктор Орбан смета дека мерките ќе ја подобрат транспарентноста во борбата со перење на пари и финансирање тероризам. Додека критичарите овој потег го гледаат како пресметка со независниот глас и обид да се стигматизираат организациите.
Критичката јавност на законот гледа и како начин на кој Владата сака да се пресмета со американскиот милијардер Џорџ Сорос, кој е роден во Унгарија и кој со децении донира големи финансиски средства за промоција на либералната култура на „отворено општество“, основајќи го и престижниот Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ).
Орбан на неколку пати претходно јавно ги обвини НВО-ата финансирани од странство, особено оние поддржани од Сорос, за мешање во внатрешните работи на Унгарија.
Новиот закон, според владиниот советник Јанош Лазар, е насочен осовено кон три организации: Транспаренси Интернешнал, Унгарскиот Хелсиншки Комитет и Унијата на Граѓански Слободи. Законот, исто така ќе опфати и повеќе други организации.
Унијата на Граѓански Слободи најави дека ќе одбие да го почитува новиот закон, бидејќи ги нарушува правата на слобода на изразување и здружување. Доколку бидат затворени, планираат случајот да го изнесат пред унгарскиот Уставен суд и Европскиот суд за човекови права.
Групата за човекови права Амнести Интернешнал соопшти дека унгарскиот закон е „подмолен и калкулиран напад на граѓанското општество“, додека Хјуман Рајтс Воч потегот го нарече „замолчување на критичните гласови во општеството“.
Ова е последен гест во серијата напади од страна на власта, преку официјални соопштенија и про-владините медиуми, против организациите од граѓанското општество кои се критични кон политиките на Орбан. Повеќето поранешни критички медиуми, исто така, биле преземени од соработници на власта.
Орбан, прогласувајќи борба против либерализмот, важи за идеолошки непријател на Сорос. Во април, парламентот изгласа закон со кој се заканува и затворање на ЦЕУ.
Власта, претходниот период, спроведе „национална консултација“ насочена да произведе јавно незадоволство кон внатрешните и надворешните „непријатели“. Во втората категорија се вклучени „бриселските бирократи“, фраза која се однесува на Европската Комисија и Џорџ Сорос.
ББЦ посочува дека новиот закон, што го донесе унгарскиот парламент, потсетува на легислативата донесена во Русија во 2012 година со која се наметна на невладините организации кои добиваат странско финансирање да се нарекуваат „странски соработници“. Тоа, најпосле, доведе до забрана на фондациите на Сорос.