„Чудовиштето“ кое десет години ја гуши Струга во сопственото ѓубре

Пред десет години, на неполн километар од градот Струга се постави депонијата која не престана да им создава проблеми на граѓаните. Најавена како „привремено“ решение од тогашниот градоначалник Рамиз Мерко, сега нов министер за инвестиции, депонијата денес прерасна во „чудовиште“ од 750 метри должина, 250 метри широчина и 13 метри висина. Пред две ноќи започна интензивно да гори. Дури синоќа противпожарната служба успеа да пристапи до неа, а утрово започна со гаснење. 

На само 300 метри од дивата депонија во Струга, се наоѓаат првите куќи населени со луѓе кои во изминативе два дена се најмногу погодени од чадот што се создаде од најновиот пожар. Противпожарните служби не можеа да пристапат поради лошиот терен, кој со години се натрупува со отпад. Сите со кои Радио МОФ разговараше, велат дека се свесни оти овој проблем не е од вчера, но дека во последните две години прераснува во еколошка катастрофа поради негрижата на локалните власти.

„Дивата депонија која на мала врата се протна како легитимна, е туква повеќе од 10 години“, вели Јаков Попоски, еден од граѓаните кои вчера повторно излегоа на протест. Како симболика на нивниот револт беше запалено и ѓубре пред општинската зграда.

Стружани запалија ѓубре пред општината во знак на протест против дивата депонија

Тој вели дека проблемот прерасна во катастрофа од непроценливи размери, бидејќи со загадувањето на воздухот, се загадува и почвата на Струшко поле, како и подземните води, околните реки, но и езерото.

Слично размислува и Јовачно Угреновиќ од граѓанската иницијатива „Доста“. Тој вели дека проблеми има откако е поставена депонијата, со одобрение на поранешната влада.

„Ова чудовиште пред два месеци се запали и рекоа дека има непознат сторител, полицијата води истрага откако се запали на еден дел. Ги активиравме протестите и сега дојде до момент да се активира владата, но комисијата кога беше во посета, истата вечер се случи хаварија. Цела депонија гореше“, вели тој, посочувајќи дека ова место не исполнува ниту еден критериум.

„Проблемот е јасен, на депонијата не и е местото тука. На депонијата местото и е многу подалеку од градот, особено на град што е покрај езеро, заштитено од УНЕСКО. Толку е погрешно избрана локација, тогаш изрекламирана како привремена“, смета Угреновиќ.

За Васко Јолески, активист од „Каприкорн2010“ симптоматично е што депонијата се пали навечер, а не во најжешките периоди. Тој цитира експерти кои укажуваат на тоа дека речиси теоретски е невозможно да се запали депонијата сама од себе без човечки фактор.

„Кој би можел да биде потенцијален потпалувач, никој не може да тврди со сигурност. А, пак и кај надлежните нема слух да застанат и да го пронајдат виновникот“, вели тој.

„Оваа депонија е со концесионер и во надлежност на општината, но е незаконска, дива депонија. Таа е апсурд на законите во државата и системот. Таа е создадена без никакви одобренија, без ништо, а има концесионер кој си ги наплаќа услугите, исто и за земјиштето се наплаќаат кирии. Таа функционира како легална, а е дива депонија“, нагласи Јолески.

Стружани не се откажуваат од борбата против депонијата

Јолески потврдува дека стружани ќе продолжат со позитивен притисок кон општинарите, но и кон централната власт за итно решавање на овој горлив проблем.

„Се направија напори ноќеска, со механизации, се гради инфраструктура до неа. Но, тоа не е решение. Да бараме дислокација на самата депонија за трајно решавање на проблемот. И, нормално, пронаоѓање на инвеститор кој би изградил фабрика за рециклирање. Но, во прв момент е потреба дислокација на депонијата. Важно ни е итно да се тргне од самиот град. Ова е срамота“.

Според Попоски, односот на општината од кога прво побарале помош е менлив.

„Некогаш се прогласуваат за ненадлежни, некогаш се жалат дека не добиваат помош од Министерството за животна средина и воопшто централната власт“, посочи тој.

И Попоски смета дека примарна цел е гаснење на пожарот, но покрај ова, вели тој, потребен е и 24-часовен надзор над депонијата со цел да се спречат следни спалувања, за што поднеле барање до општината, но досега не добиле одговор.

Угреновиќ, пак, смета дека гаснењето на пожарот е само една битка што ја добиле.

„Но, тоа нема да ни ги решава проблемите, ако продолжиме да фрламе ѓубре таму. Пак постои опасност од палење, пак ќе ни го трујат градот, пак ги труе подземните води. Ние нема да застанеме овде, ние не сме задоволни. Направени се два чекори понапред, но ова нема да е крај на борбата“.

Покрај Струга, во државата има уште 53 комунални депонии, кои пак, не ги задоволуваат основните услови, а постојат уште 1.000 диви. Од нив, според проценките, 16 се со висок, 16 со среден, а 19 со низок ризик за животната средина. Досега, единствено депонијата „Дрисла“ има интегрирана дозвола за управување со отпад.

Е.П./Б.Ш.