Меѓународната летната школа е проект кој по седми пат се организира од страна на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј ” во Скопје и студентската интернационална платформа АИЕСЕК Скопје.
Темата на овогодинешната Школа „Направи разлика – стани млад лидер во справување со новите економски предизвици на патот кон ЕУ” е дефинирана во согласност со актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот на патот кон нивното полноправно зачленување во Европската Унија, од една страна; и тековните проблеми и предизвиците со кои се соочува Унијата по последната економска криза, од друга страна.
Целта на проектот е пренесување на теоретските и практични искуства поврзани со новите сознанија во економијата и јавните политики во посткризниот период, а кои треба да се земат предвид во справување со економските проблеми и реформи во земјите од регионот во функција на јакнење на конкурентноста на нивните економии на патот кон ЕУ.
Интегрални тематски области:
Економски реформи и политики на патот кон ЕУ;
Финансиски пазари и институции;
Институции и институционални реформи;
Економија базирана на знаење;
Претприемништво, бизнис и економски перформанси.
Најавените тематски области ќе бидат покриени од академски кадар од реномирани и добро етаблирани универзитети, како и од експерти од релевантни домашни и меѓународни институции. Посебен простор на Школата ќе биде оставен за размена и пренесување на искуствата од успешните македонските компании.
Летната школа ќе се одржува од 07-13 август во Конгресен центар во Охрид.
За Школата може да се аплицира на следниот линк, а надоместок за учество е 150 евра.
Краен рок за аплицирање е 20-ти јуни.