Скопје е голем град и како и сите големи градови, редовно се соочува со повеќе прашања кои ги засегаат граѓаните. Последниве години сме сведоци на тоа дека градот забрзано расте, но при тоа, како да заборавивме на нешто. Напуштени згради, стопирани проекти, метални тараби и железни огради се типичен пејзаж низ градот. Ние сакаме нашето Скопје да биде позелено. Сакаме Скопје каде граѓаните, кога ќе видат дека нешто недостасува, сами ќе се активираат и ќе реагираат. Сакаме да живееме во град каде сите ќе се грижиме за тоа што е наш, заеднички јавен простор. Токму поради тоа и започнавме со „Дотерај го Скопје“.
Вака за Радио МОФ раскажува Атанас Димитров, кој заедно со уште Тамара, Александар и Мартин, веќе одреден период прават акции низ градот, со цел да го разубават јавниот простор. Иницијативата постои од почетокот на јуни, иако со подготовките започнале уште од април. Тие се активни на својата веб-страница и Фејсбук-страницата од каде постојано ги повикуваат граѓаните да им се приклучат.
Засега се мал тим, но помош, вели Димитров, добиваат и од своите пријатели, иако нивната крајна цел е самите граѓани да почнат да пријавуваат акции.
Според него, постојат многу јавни простори на кои им е потребна грижа. На речиси секоја нивна акција, на пат до самата локација, забележувале уште неколку на кои им е потребна интервенција.
„Граѓаните се заинтересирани за тоа да имаат поубав јавен простор – досега, на неколку пати не имаат прашано за тоа што правиме, која е целта на иницијативата, како може тие да се вклучат и дали може да направиме акции на други места, кои не биле покриени претходно. Одговорот, секако, е да“, вели Димитров.
Тој верува дека пред да се постави прашањето дали недостига јавниот простор, треба самите граѓани да се погрижат за тој простор кој веќе го имаат на располагање.
„Вистинскиот граѓански тест е токму таму – колку го цениме тоа што го имаме и колку време сме подготвени да вложиме во јавните простори кои ни припаѓаат на сите подеднакво. Сметаме дека има повеќе површини во Скопје кои моментално се запуштени, а со мали директни интервенции би можеле да се направат толку убави што би биле гордост на целото соседство. Мораме прво да почнеме да го цениме тој простор што го имаме, а дури потоа да разговарам за тоа дали и колку ни се потребни дополнителни јавни простори“, смета Димитров.
Јавниот простор е показател на граѓанската култура – нешто од кое никој нема директна корист, а сепак е благодет за сите, вели тој.
„Мораме да раскрстиме со ставот дека тоа што се случува вон нашиот праг не е наша работа – напротив, јавниот простор треба да биде сечија работа, затоа што секој е засегнат од него“, истакна Димитров.
Нивна основна цел е на нивните акции да се вклучат што е можно повеќе граѓани, бидејќи како што вели Димитров – „тоа што 50 активни граѓани можат да го направат во еден викенд, нашиот мал тим не може да го направи во цел месец“.
„На сите заинтересирани граѓани им препорачуваме да одат на error501.mk, каде има повеќе детали за тоа како може да се вклучат – ние сме подготвени да им помогнеме со садници со бршлен, да фотографираме, и да ги промовираме сите граѓански акции и сите акции во кои би сакале да се вклучат невладини организации или јавни институции“, информира тој.
Димитров вели дека досега се задоволни од нивото на слух кај скопските градоначалници. Во секоја од општините добиле поддршка и желба за соработка.
„ Ние сметаме дека најважно е да изградиме култура каде граѓаните ќе бидат мотивирани и доволно моќни за малите, секојдневни проблеми да можат да ги решаваат и сами, а општините ќе бидат во дослух со нив за сите посериозни интервенции. Сметаме дека и градоначалниците треба да разберат дека јавниот простор гради слика за целата општина. Дека граѓаните ќе бидат позадоволни ако живеат во општина во која булеварите се одржани, тротоарите чисти, зелените површини навистина зелени. Таа е и пораката која ја пренесуваме кога се среќаваме со претставниците на општините. Се надеваме дека ќе вроди со плод“, нагласи Димитров.
Емилија Петреска