Продажбата преку интернет во Македонија е во зачеток бидејќи кај граѓаните постои страв дека ќе им бидат злоупотребени податоците од кредитната картичка, посочуваат од Канцеларијата на GS1 во Македонија која денеска организираше настан за компаниите на тема „Дали сте подготвени за дигиталната ера во трговијата“, пренесува МИА.
Според извршната директорка на GS1 Македонија, Слаѓана Милутиновиќ, онлајн продажбата може да се забрза само со воведување на пејпал кој се смета за посигурен инструмент при онлајн плаќањето.
„Апелирам до надлежните органи во Македонија да се воведе инструментот „пејпал“ кој се смета за поголема сигурност при плаќањето. Кога во Македонија ќе се овозможи плаќањето преку пејпал тогаш мислам дека ќе се забрза и плажањето и купувањето преку интернет“, изјави Милутиновиќ.
Статистиката покажува дека 70 отсто од потрошувачите пребаруваат преку интернет пред да се одлучат да купат одреден производ без оглед дали ќе го купат онлајн или во продавница.
Во светски рамки продажбата преку интернет станува се поактуелна и македонските компании преку примената на GS1 стандардите имаат можност да се приклучат кон овој тренд и да ја зголемат онлајн продажбата на своите производи.
Продажбата преку интернет започна со книги и музика, но сега веќе се продаваат и купуваат најразлични производи, дури и прехранбени производи. Сепак, електронската опрема е на самиот врв на производи што се купуваат преку интернет.