Во петок (23 јуни), во 19.30 часот во студиото на Private Print ќе биде поставена просторна инсталација, како уметничка интерпретација на новото издание на Private Print, уметничката книга Art Is Not What You Want на Доротеј Нешовски.
Инсталацијата ќе може да се погледне до 28 јуни, а на отворањето музика ќе пушта диџејот A. Baltiq.
На 24 јуни, од 12 до 14 часот, на истото место, Доротеј Нешовски ќе одржи уметничка работилница за деца на возраст до 12 години. Учеството е бесплатно, а за пријавување заинтересираните можат да пишат на info@privateprint.mk.
Art Is Not What You Want е уметничка книга во која е претставена чиста визуелна комуникација помеѓу цртежите на Доротеј Нешовски и тие на учениците од неговите ликовни работилници во Детскиот креативен центар, МКЦ-Скопје. Во книгата, преку транспарентноста на хартијата, се создава сосема поинакво уметничко дело, кое функционира преку преклопувањата, надополнување и доцртување. Со што буквално се воспоставува врската помеѓу цртежите на Доротеј и на учениците, помеѓу нивните заемни интеракции и влијанија.
Доротеј Нешовски (1989; Скопје, Македонија) е уметник и наставник по уметност во Детскиот креативен центар, МКЦ-Скопје. Основач е и член на уметничката група „ЅЕЕ“ (Art Group SEE), во 2012 година, со која создава и презентира повеќе проекти. Негови уметнички интереси вклучуваат партиципативни активности, мапирања, резонантност, видео селекција, вониституционално делување, истражувачка работа и детска едукација.