Жителите на улицате Христо Татарчев 1 и 11, во скопска Кисела Вода, утрово со жив ѕид ги блокираа градежните работи на улицата. Ова е втор протест откако тие вчера дознаа за одлуката дека при градбата на новиот кружен тек во општината нивните улици ќе бидат оградени со ѕидови од метар и половина и два метра, објави Телма.
На кружниот тек на кој требаше да излегуваат седум улици, Град Скопје одлучил дека ќе излегуваат само пет, а останатите две да кружат од задната страна, односно од кружниот тек, кој се наоѓа кај главниот влез на цементарницата Усје. Граѓаните велат дека тие две улици ги користат секојдневно, и освен што се премногу тесни за да бидат проодни се полни со дупки, а едната завршува со столбови.
За локалните случувања на поранешна „последна 24-ка“, поточно на улиците 1 и 11, се огласи општината Кисела Вода.
„Сакаме да ве известиме дека Општина Кисела Вода е во интензивна комуникација со Градот Скопје заради изнаоѓање на заедничко решение кое ќе биде исклучиво во интерес на граѓаните“, стои во соопштението на Кисела Вода.