Иницијативата „НаТочак“ утре (28 јуни) од 19 часот ке ја вози 62-та по ред велосипедска „Критична маса“, која ќе започне од плоштадот „Македонија“, а ќе продолжи со протестен пикник на булеварот „Климент Охридски“.
Оваа Критична маса е посветена на проблемот со нелегалното паркирање и узурпирање простор за туѓо движење.
„Правото на слободно движење ни е уставно загарантирано на сите граѓани. За тоа право да се реализира постојат закони кои регулираат дека коли не смеат да се паркираат онаму каде попречуваат и загрозуваат нечие движење. Затоа постојат и пропишани казни, за оние случаи кога некој ќе се дрзне да го загрози тоа право некому.
Но дали некој тоа го спроведува?
За проблемот со нелегалното паркирање и узурпирање простор за туѓо движење сме посветиле многу критични маси досега, но очигледно не било доволно. Со оваа Критична маса сакаме акцентот од личната несовесност на некои од возачите (која секако постои) да го ставиме на одговорноста на институциите, пред сè сообраќајната полиција…Зашто токму тоа е поентата на сообраќајната полиција, да интервенира онаму каде нема лична одговорност и да помогне сообраќајот да се одвива безбедно за сите.
Слично како што „кога мачката не е дома, глувците оро играат“ така и „кога нема сообраќајна контрола, колите оро играат“ и ни го блокираат движењето на секој чекор, во СЕКОЈ ЧАС,СЕКОЈ ДЕН, на речиси СЕКОЈА УЛИЦА во СЕКОЈ ДЕЛ ОД ГРАДОТ. Во такви услови, сообраќајот буквално за сите станува чудовиште! Не само за пешаци и велосипедисти и луѓе со/во колички, туку иронично, и за коли!
Затоа ние со нашите точаци симболично само на ЕДЕН ЧАС, во само ЕДЕН ДЕН ОД МЕСЕЦОТ ќе се паркираме и распостелеме на само ЕДЕН СЕГМЕНТ од ЕДЕН БУЛЕВАР на коловозните ленти.
Со тоа ќе испратиме порака до сообраќајната полиција дека е одговорна да ни обезбеди слободни патеки,“порачуваат од иницијативата „НаТочак“.