„Моето име е Бана. Имам седум години. Му се обраќам на светот, во живо од Алепо. Ова е мојот последен момент да живеам, или да умрам“.
Ова е „твитот“ со кој јавноста минатата година се запозна со секојдневните ужаси од војната во Сирија, раскажано во прво лице преку профилот на Твитер на малата Бана Алабед. Таа денес е именувана како една од највлијателните личности на Интернет, според листата на магазинот „Тајм“.
My name is Bana, I’m 7 years old. I am talking to the world now live from East #Aleppo. This is my last moment to either live or die. – Bana
— Bana Alabed (@AlabedBana) December 13, 2016
„Бомбите сега паѓаат како дожд“, гласеше друг „твит“, кој придружен со видео предизвика огромни реакции.
Ова се случуваше во време кога новинари едвај можеа да пристапат во тој регион.
Сирискиот претседател, Башар Ал Асад, за профилот рече дека е „антивладина пропаганда“. Него го одржува мајката на Бана, Фатима.
Нејзините „твитови“ ја доведоа до среќен крај. Во декември 2016 година, Бана со своето семејство беа евакуирани во Турција, каде сега живеат како бегалци. Таа неодамна потпиша договор за книга со „Simon & Schuster“.
Листата на „Тајм“ брои 25 највлијателни личности на интернетот, од различни области. Меѓу нив е и 37-годишниот уметник Мет Фјури, авторот на едно до најпознатото меме – „Жабата Пепе“. Понатаму, во листата се и авторката на „Хари Потер“, Џ.К.Ролинг, рускиот опозициски активист Алексеј Навални, американскиот претседател Доналд Трамп, како и многу други славни личности.