Државниот просветен инспекторат утврдил незаконитости и неправилности во работата на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски, поточно во неговата одлука да не го постави за декан на Стоматолошкиот факултет професорот Ќиро Ивановски. При вонреден надзор од просветниот инспекторат, се утврдени и неправилности во поставувањето на в.д. декан на овој факултет по избор на ректорот.
Мнозинството членови на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет во мај доставија барање до инспекторатот за преиспитување на Решението на ректорот Јанкуловски за поставување на в.д. декан на факултетот, со оглед дека уште во декември минатата година, тие го утврдија проф. д-р Ќиро Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет.
Инспекторатот утврдил дека ректорот не се изјаснил за кандидатот кој што го утврдил Стоматолошкиот факултет и спротивно на Законот и Статутот именувал в.д. декан на нивниот факултет.
Повеќе професори, асистенти, научни соработници, студенти и специјализанти на Стоматолошкиот факултет со отворени писма се обратија до Ректорот да го почитува нивниот избор, иако Јанкуловски јавно не одговори на нивното барање.
Според Законот за просветната инспекција ректорот Јанкуловски има должност во рок од 8 дена од приемот на Решението на инспекторатот да постапи по истото и да ги отстрани сторените незаконитости и неправилности. Тој е должен да донесе одлука за избор на проф. д-р Ќиро Ивановски за декан на факултетот и да ја достави до Универзитетскиот сенат за потврдување. Во спротивном Сенатот е должен да поведе постапка против ректорот за негово разрешување и да иницираат постапка за утврдување на кривична одговорност за нестручно и несовесно работење.
Извор: Макфакс