Активисти на велосипедската иницијатива „НаТочак“ решиja да направат мал експеримент за една поинаква ситуација. Зафатија место како за две возила на лента од булевар кој има три ленти во секоја насока. Тоа го направија во ден и термин кога речиси и да нема сообраќај, со цел да покажат како им е на велосипедистите кога секојдневно автомобили се паркираат и ги узурпираат вело-патеките.
„На овој булевар во скоро време добивме велосипедски ленти, но многу повеќе се користат како паркинг, а полицијата ја нема да го заштити велосипедскиот простор. Поентата ни беше да го свртиме вниманието на нефер третманот од институциите и да ја креираме обратната ситуација, лабаво да користиме автомобилска лента… Во еден идеален град не би ни имало толку автомобилски ленти и луѓето би можеле да го користат јавниот простор на многу поинтересни начини… Како групата на сликата :).
Знаете што се случи? Ни ја потврдија поентата и потребата од акцијата! :) Во рок од 7 минути откако се сместивме на коловозните ленти, поточно во моментот кога се раскревавме (акцијата траеше точно 7 минути, проценивме според времето од фотографиите) пристигна полициско возило по пријава од граѓанин дека некој го попречувал сообраќајот. Им објаснивме која ни е поентата на акцијата и полицајците беа многу коректни, но не се задржаа доволно долго да им кажеме дека истата ефикасност ја очекуваме и кога пријавуваме за блокирање од коли на пешачки сообрачај, велосипедски сообраќај итн“, велат од „НаТочак“.
Од иницијативата потенцираат дека патеките за овие типови немоторен сообраќај се помалку на број, потесни по димензии, нема алтернативи (за разлика од 3-те ленти за автомобили тука) и се предвидени за ранливите учесници во сообраќајот.
„Сообраќај не се само коли! И кога сме на точак сме сообраќај и градот е на сите! Да се избориме за нашиот простор! Да се избориме паркирањето врз пешачки и велосипедски патеки да се санкционира, како што е и пропишано во законите“, соопштуваат од „НаТочак“ и повикуваат на утрешната „Критична маса“ и протестен пикник.