Откако се претворија од чудна играчка во сеприсутна и досадна појава во рекордно време, „фиџет спинерите“ станаа и опасност. Според локални вести, најмалку два спинери опремени со Блутут експлодирале додека биле приклучени на полнач.
Родители од Мичиген и Алабама на интернет споделиле речиси иста приказна за играчките, кои и двете имале внатрешни батерии да напојуваат Блутут звучници. И во двата случаи, уредот бил приклучен во штекер кога се запалил, растопувајќи го спинерот и запалувајќи ја површината под него.
„За само 5-10 минути ќе ја напуштевме куќата. Син ми забележа дека се запали и почна да вреска“, вели Кимберли Алумс од Гардендејл, Алабама, за телевизијата WBRC. „Бев на приземје кога слушнав „Оган! Оган!“. Фиџет спинерот не чадеше, туку беше сосема запален“.
Алумс вели дека спинерот се полнел помалку од 45 минути. Потоа се обидела да го идентификува производителот на неисправната играчка, но успеала само да ги прочита зборовите „Произведено во Кина“ на кутијата во која била испорачана.
Како и „ховербордите“ (но и сите нерегулирани уреди со батерии) пред нив, електронските фиџет спинери, нивниот наплив на пазарот и недостатокот од безбедносни стандарди, речиси сигурно го произведоа ризикот од опасни пропусти како овие. За разлика од ховербордот, минијатурните спинери лесно може да се набават, евтини се и не изгледаат запаливо.
„Тоа се едноставни, мали нешта кои ги вртиш и сакаш да си играш со нив“, вели Мишел Кар, другата мајка чиј фиџет спинер експлодирал. „Знам многу деца кои сакаат да си ги купат, но ако ги ставите на полнење, внимавајте да не се запалат“.