Тројцата добитници на награди на конкурсот #ДрагГрадоначалнику на Радио МОФ, иако од различни краеви на Македонија, имаат една заедничка работа – локалните власти не ги слушаат за проблемите со кои се соочуваат во нивниот град. Затоа, решија револтот да го покажат на креативен начин – преку дизајнирање на „разгледница“ со најубавото од нивната општина.
Владимир Трајановски, кој ја доби првата награда, вели дека „глетките“ од неговата разгледница од Охрид, се едни од најгорливите проблеми со кои се соочува градот, езерото и околината.
Тој смета дека со потенцирање на локалните проблеми на креативен начин, може да се донесе промена.
„Доколку проблемите се објават и проциркулираат, се видливи. Луѓето обично реагираат на визуелните пораки, секоја порака може да биде повпечатлива доколку графички се потенцираат одредени моменти“.
Општина Охрид, додава, не ги слуша граѓаните за големите проблеми, поврзани со животна средина и просторното планирање.
„Јавноста не се консултира, само pro forma се презентираат одредени урбанистички планови или предлог-проекти, јавните расправи не се доволно најавувани во медиумите, така што многу луѓе и не знаат, не се информирани“, подвлекува Трајановски.
„Секој жител на Охрид има право да е информиран, да реагира доколку смета дека властите постапуваат спротивно од овластувањата или е нарушен јавниот интерес“, смета Трајановски.
Второнаградениот Стефан Митиќ од Влае, за „споменик“ на неговата разгледница го избра старото кино во неговата населба, сега затворено. За љубителите на киното како него, Влае нема што да понуди.
„Сметам дека ни е потребна кино сала, затоа што гледам дека има многу љубители на филмот, а и јас самиот сум еден од нив. Еден мал чекор како овој може да даде поттик на другите граѓани да се изјаснат за свои иницијативи и тоа да придонесе за доброто на граѓаните“.
Митиќ вели дека многу му се допаѓа што револтот го прикажал на ваков креативен начин – како разгледница, заедно со други граѓани од различни градови.
Тијана Аврамоска од Тетово, исто така е согласна дека градските власти немаат слух за проблемите на тетовци – немањето кино сала, загадувањето, депонијата, недостатокот на вода во некои делови од градот, уличното осветлување и многу други. Токму затоа, нејзината разгледница беше збир од сите најгорливи проблеми со кои нејзините сограѓани се соочуваат.
„Некој мора да покрене некаква иницијатива за локалните власти да ги решат најголемите проблеми во градот“, заклучува Аврамоска.