Еко-активистот Никола Јовановски за два дена ќе започне со тежок предизвик – да не произведе никакво ѓубре во текот на десет дена. Во тоа еко-патување, Јовановски бара сопатници, кои би го исполниле #10zerodays предизвикот.
„Предизвикот е следен: Десет дена, од 10-ти до 20-ти јули живееш без никаков или значително намален отпад. Својот напредок го постираш на Instagram/Facebook и го тагнуваш со #10zerodays.
Целта на предизвикот е ширење совети за намалување на отпад, проширување на заедницата нула отпад и отскочна даска кон живот со значително помалку отпад“, објаснето е за правилата на предизвикот.
Оние кои сметаат дека не можат целосно да се откажат од создавањето отпад, можат барем да се откажат од пластичните ќеси, шишиња и цевки.
Јовановски вели дека решил да го исполни предизвикот, кога сфатил дека месеците јуни и август му се исполнети, но во јули не прави ништо. Затоа решил месецов да биде посветен на радикална екологија.
„Веќе две години активно волонтирам во Гоу Грин и слични еколошки организации, како Ајде Македонија, кои ме натераа да си ги сменам навиките за да бидам помалку деструктивен кон природата, и тие навики се менуваат една по една, малку по малку. Но, ми фалеше некој катализатор. Тоа што месецот јули не ми беше исполнет, и активизмот, ги споив во десетдневен експеримент, каде што би се предизвикал да живеам без отпад. Побарав помош во група за нула отпад и видов дека има реална заинтересираност и може ваков настан да влијае да се намали отпадот, па одлучив да биде јавен“, објаснува Јовановски.
Предизвикот се состои од јавен и личен дел. Првиот дел е целиот животен стил – да се трудиш да создадеш што е можно помалку отпад во 10 дена и да си докажеш дека промена на навики е возможна со малку труд. Јавниот дел, пак, е споделување на искуства во обидот на намалување на отпад, со тоа што видеа, слики или приказни би се тагнувале со #10zerodays.
Јовановски вели дека најголемиот предизвик би бил во хигиената. Тој планира да направи паста, направена од рефус сода бикарбона, кокосово масло и некакви есенцијални масла, кои што пакувања ќе можат да се реупотребат. Вакви и слични рецепти и совети тој се надева дека би се споделувале.
„Хигиената и личното здравје може да бидат едни од поинтимните и можеби по табу дел од нашиот живот, но кога се зборува за промена на цел животен стил, мора да имаме широк светоглед“, смета активистот.
Кога станува збор за храна, главен извор ќе му бидат пиљарите и пазарите каде што мож да најдам зелечук, овошје, печурки и јајца без никакво додатно пакување.
„Од предизвикот очекувам јас и сите кои би земале учество да стекнеме нови знаења и навики, и пред се тие навики да останат. Затоа, 10zero делот од тагот има преносно значење, навиките и знаењето да одекнуваат и во следните 100 дена. Односно – да останат“, потенцира.
Додава и дека навиките треба да истраат, а не да станат одбивни: „Инсистирам да не бидеме премногу строги со себе. Треба да се предизвикаме себеси, но да не правиме ништо што ќе ни го доведе здравјето во ризик“.
Иако ова делумно го прави за зголемување на свеста за загадувањето, не мисли дека тоа е доволно:
„Тоа дефинитивно е целта на овој предизвик, но мислам дека веќе некое време сме во занесен транс на удобност и целосно ја занемаривме природата. Можеби не е незнаење толку, колку што одбивност да се прифати можеби малку суровата реалност. Тоа дека нашето лежерно однесување ќе има реални последици. Кога ќе го прифатиме ова, кога ќе созрееме и кога ќе одлучиме дека е време да внесеме ангажман и одговорност за нашето однесување, тогаш ќе ја спасиме земјата“, заклучува Јовановски.