Кина целосно ќе го блокира пристапот до голем дел од глобалниот интернет во намера да го намалат незадоволството и да ја одржат цврсто власта на Комунистичката партија.
Владата наредила на трите телекомуникациски компании во Кина, целосно да го блокираат пристапот до виртуелните приватни мрежи (VPN), технологија која голем број граѓани во земјата ја користеа за заобиколување на цензурата на интернетот, до февруари 2018-та година, јавува Блумберг Њуз од анонимни извори, пренесува Гардијан. Трите интернет провајдери, Кина Мобајл, Кина Телеком и Кина Уником, се во државна сопственост.
Кина оперира со најголемиот режим на интернет цензура во светот, блокирајќи го пристапот до илјадници интернет страници, помеѓу нив и Гугл, Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Контролата на интернетот истовремено значи и дека критични коментари против владеењето на Комунистичката партија и податоци за настани, како масакрот на Плоштадот Тиананмен во 1989 година, е скоро невозможно да се најдат во Кина.
Сепак, милиони граѓани од Кина го заобиколуваат овој цензорски систем, познат како „Големиот заштитен ѕид“, преку користење на VPN, со што се овозможува нефилтриран пристап до било која страница.
Последните директиви доаѓаат додека Кина се подготвува за политичкиот собир во Пекинг на крајот на годинава, кој се одржува два пати во деценијата, додека повеќе страни од власта се борат за доминација во потенцијални промени на највисоките функционери.
„Ова е значајно засилена форма на интернет контрола и покажува дека постои досега невидена ургентност и очај во врвот на власта. Јасно е дека се работи за политичка борба на највисоките позиции и различните страни кои го користат интернетот како нивно поле за борба. Доколку противниците на претседателот Си Џинпинг не можат да ги објават информациите во Кина поради цензорските механизми, тоа го прават надвор од Кина и информацијата се враќа назад“, смета Џиао Ќианг, професор на Универзитетот Беркли во Калифорнија, кој е фокусиран на цензурата во Кина.
Тој ги посочува и последните процепи во „Големиот заштитен ѕид“, како обвинувањата за корупција на кинески бизнисмен во Њујорк, кој успешно се прошири во Кина. Тие информации, повеќето непроверени, се гледаа како штетни за шефот на телото за анти-корупција во Кина и еден од најблиските соработници на Џинпинг.
Професорот Џиао предвидува дека во месеците кои доаѓаат властите уште повеќе ќе го засилат спречувањето на интернетот. „Секогаш постоела контрола, но ова ќе биде сосема друго ниво“, објаснува тој.
Забраната на VPN може да нанесе штета на научниците, програмерите и странските бизниси. Со години кинеските истражувачи се жалеа на недостатокот на потребна достапност до странски списанија и методи за комуникација со другите универзитети околу светот, додека информатичарите зависат од програмерски кодови кои се складирани на интернет страници надвор од Кина. Странските компании во Кина ги користат приватните мрежи за да ги осигураат податоците и комуникацијата со дирекцијата во матичната земја. Се уште не е јасно дали забраната ќе влијае на компаниските VPN, додека не е познато и дали забраната ќе биде привремена или трајна.