Автономијата на универзитетите и студентското организирање се дел од прашањата за кои се дебатира на денешната, првична, средба меѓу министерката за образование Рената Дескоска и засегнатите страни. На средбата присуствуваат претставници на Професорски и Студентски пленум, како и претставници од повеќе универзитети и образовни синдикати. Тие целосно ќе го разгледаат Законот за високо образование, од кој потоа треба да се состави нов, но што ќе ги опфати сите аспекти и чинители.
На средбата ќе се дебатира и за статусот и организацијата на Универзитетот, за надлежностите на Сенатот во рамките на универзитетот, за начинот на управување на факултетите. Потоа, за статусот на наставниците во рамки на факултетот и за потребата да се врати статусот асистент. Покрај ова, ќе се дискутира и за процесот на нострификација на дипломите и работата на Одборот за акредитација и евалуација.
Според Дескоска, сегашниот закон е премногу менуван и нејасен.
„Претходната влада носеше законски измени кои не беа обмислени и постојано правеше нови измени со коишто ги одложуваше измените“, смета министерката.
Идеален рок за дефинирање на законската рамка според неа е крајот на годината, иако тоа може да потрае како што вели поради локалните избори.
„Не сакаме да брзаме на штета на квалитетот. Ќе оставиме простор за квалитетна дебата“, рече Дескоска.
Идејата на денешната средба е да отвори инклузивна дебата која ќе укаже на проблемите со статусот на професорите и учеството на студентите при носење на одлуките.
Но, на средбата не присуствуваат претставници на Студентските парламенти, иако една од темите е токму начинот на кои тие ќе функционираат во иднина – дали ќе продолжат да бидат невладина организација, или пак, ќе функционираат во рамки на универзитетот. Студентскиот пленум на денешната средба ќе се залага Парламентите, но и сите други студентски тела, да бидат дел од универзитетите.
„Студентскиот пленум е организација којашто ги опфаќа сите студенти без разлика на универзитетите, а Студентските парламенти се во рамки на универзитетите. Ние викаме по еден претставник од најголем дел од универзитѕетите, така што тој претставник ги претставува и професорите и студентите. Пленумот е нешто што е надвор и што ги обединува сите“, изјави Дескоска.
Денешната средба ја поздрави и професорот Влатко Коробар, кој присуствуваше како претставник на Професорскиот пленум.
„Мислам дека самото одржување на средбата покажува волја од страна на министерството. Работите во сферата на високото образование се менуваат во позитивна насока. Инаку, Професорскиот пленум ги застапуваше ставовите за фактичка, вистинска, автономија на универзитетот, а не само декларативна. Постојат низа на прашања коишто треба да бидат разгледани“, нагласи тој.
Е.П.