10 еколошки проблеми за решавање на новата Влада

Радио МОФ направи листа од 10 работи поврзани со животната средина и квалитетот на живот со кои новата Влада ќе треба да се позанимава во својот мандат. Главно се долгогодишни еколошки проблеми – дел подзаборавени, други профитабилно определени, трети несериозно сфатени.

Не се сите тука. Но, мора од некаде да се почне, да се отвори дискусија и направи потег. Овие се првите проблеми што ни паднаа на памет, без редослед на фаворизирање:

1.Еколошко и економично греење

Цехот од отровниот воздух кој скопјани го вдишуваат е над 1.000 мртви годишно и економски штети од 250 милиони евра. Во Скопје годишно се горат 800.000 метри кубни дрва, што го прават градот најзагаден, а воедно и најскап за загревање во регионот. Најмногу домови, околу 120.000 во Скопје се загреваат на дрва.

Скопје се уште нема опција за загревање на гас. Ако се претпостави дека за 30 квадрати се трошат по 6 метри кубни по домаќинство годишно, според пресметките на Истражувачкиот центар СКУП, тоа би чинело 18.000 денари годишно, или 600 денари за метар квадратен за една грејна сезона. За разлика од Скопје, околните главни градови на соседите се гасифицирани, па за загревање на еден метар квадратен би платиле 2-3 пати помалку.

Гасификацијата се споменува од кампања до кампања. Од избори до избори. Во меѓувреме, одреден број социјално загрозени семејства користат несоодветен или опасен отпад (пластика, синтетика, гуми, отпадно масло) за затоплување. Секоја зима.

Горењето дрва во несоодветни печки предизвикува значително поголемо загадување. Ова значи – мерки би предвиделе стимулации за набавка на печки со висок степен на согорување или замена на горивото и печките. Во однос на дестимулацијата на горење дрва, генерално постои сфаќањето дека поради недостиг од други опции, дрвото како огревен материјал е најчестиот и најефтиниот избор. Напротив, реагираа екологистите, тоа треба да биде последен избор. Овој проблем дополнително е влошен поради нелегална сеча и продажба на дрвниот материјал за уште помала цена.

2.Регионални депонии  – нов систем за управување со отпад

Палењето и загадувањето од струшката депонија, но и постојаниот проблем со отпадот во Тетово, повторно ја актуелизира потребата за формирање систем од регионални депонии. Македонија се „дави“ во ѓубре, а само „Дрисла“ има интегрирана дозвола за управување со отпад.

Во државата има уште 53 комунални депонии, кои пак, не ги задоволуваат основните услови, а постојат уште 1.000 диви. Од нив, според проценките, 16 се со висок, 16 со среден, а 19 со низок ризик за животната средина.

Депонија во Тетово

Пред два месеци Министерството за животна средина повторно вети дека со проект финансиран од ЕУ ќе се цели кон „интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и подобрување на животниот стандард на приближно 1.200.000 жители од 43 општини од овие региони кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад“

За ова се планирани бројни студии и документи. Новинарите и екологистите будно ќе треба да следат и да ги „подбуцнуваат“ новиот министер за животна средина Садула Дураку и заменик-министерот Јани Макрадули.

3.Праг на алармирање согласно препораките на СЗО и по европски примери 

Еколошките организации бараат прагот за алармирање на честичките ПМ10 да биде поставен при достигнување на дневна вредност од над 70 µg/m3, два дена по ред, без оглед дали станува збор за викенд или работен ден и без скриени услови.

„Итните мерки кои треба да го редуцираат сообраќајот, функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања и сл, да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на ПМ10 честици не биде под дозволеното, до 50 µg/m3 дневно на сите мерни станици“, стои во барањето кое десетина еко-здруженија и иницијативи го доставија до Министерството и животна средина, уште пред формирање на новата Влада.

„ПМ10 и ПМ2.5 честиците се прогласени за канцерогени честици од прва категорија, бидејќи во себе ги содржат најтоксичните и најканцерогените супстанции познати на човекот, тешки метали, арсен, жива, кадмиум, олово, хром, никел, радиоактивни, како тие од пепелта и рудникот на РЕК Битола и РЕК Осломеј што содржат ураниум, ториум, радиум, а содржат и диоксини, кои се за пола милион пати поканцерогени од арсенот, а нив ги имаме на претек во воздухот што го дишеме по горењето на отпад и депонии“, потенцираат еко-организациите.

4.Ремедијација на еколошки жаришта

Коалицијата за чист воздух – 02 бара итно започнување со ремедијација на приоритетните еколошки жаришта на целата територија на Република Македонија, а со особен акцент на ХЦХ изомерите (линданот) во околината на ОХИС.

Оваа депонија е утврдена како „најжешката точка“. Таму опстојува над 30.000 тони опасен отпад. Загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите. Вака е со години. Решенијата и технологиите за третирање на канцерогениот отпад чинат докај 40-50 милиони евра.

Охис

Понатаму, ремедијација е потребна и за шестовалентниот хром кај Годел (поранешна депонија Вардариште), Јаловините на РЕК Битола, МХК Топилница Велес, Макстил Скопје… Не треба да се заборават ниту депониите на рудниците низ земјава.

5.Чиста вода низ цела Македонија

Иницијативата „Арсена“ со години се бори на гевгеличани да им се испорачува чиста и квалитетна вода, без страв од труење со арсен. Сепак, водоснабдувањето во југот на земјава не е единствениот проблем за кое треба решение.

Се случува и насред сезона, за време на најголемите жештини, Струга да остане без вода за пиење. Минатото лето со брзина на светлината се проширија вестите за фекалните бактерии пронајдени во резервоарите за вода на Попова Шапка. Понатаму, ако некој летото побараше прибежиште во убавините на НП „Пелистер“, ќе требаше да си понесе вода за пиење. Во екот на туристичката сезона вода за пиење немаше, бидејќи не беше бактериолошки исправна.

Неготино исто така е познато по деценискиот проблем со рестрикции со вода, а нечиста вода е евидентирана и во Богомила, село-симбол на чист македонски живопис.

„Длабоко во 21 век, во центарот на Македонија, негрижата на властите предизвикува апсурдна ситуација, каква што веројатно нема ниту во земјите од третиот свет: жителите на Богомила се принудени да ги пијат сопствените фекалии. Водата од селскиот водовод со години е бактериолошки неисправна, а богомилчани ја плаќаат како да е чиста“, гласи најавата за трејлерот на епизода „Водомила“ од документарниот серијал „Видеоскоп“ на дечките од „Кадар“.

6.Индустријализација со стандардизација

Во Македонија, евидентирани се 117 големи индустриски инсталации кои треба да обезбедат А-еколошка дозвола. До 2013 година ресорното Министерството имаше издадено само 23 еколошки дозволи (од кои 15 А-дозволи за усогласување со оперативен план и 8 А-интегрирани еколошки дозволи), односно за период од 6 години беа издадени околу 19% од потребните дозволи.

Освен меѓусекторска комуникација за загадувачите, потребна е поголема транспарентност при инспекциските надзори на капацитетите. Јавноста треба да види што точно е инспекторирано и дали воопшто некој загадувач е санкциониран. Плус, легитимно прашање е зошто ако има редовни контроли, инспекции на капацитети, зошто тогаш не добиваме редовни извештаи по сајтови на институциите? Нема кадар за ажурирање на сајтовите, или нема воопшто документиран материјал за да се ажурира?

7.Сообраќај

Потребата за нови транспорни модели дојде и со неодамнешно истражувањето во склоп на Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Скопскиот регион, кое утврди дека сообраќајот е втор најголем причинител за загадувањето (20%), пред загревањето од домаќинствата (32%).

Еден обичен скопски сообраќаен ден

Главниот град функционира како еден огромен паркинг што се шири, го „јаде“ и окупира јавниот простор. Се проценува дека градот примарно е проектиран за 250-300.000 луѓе, а сега има околу 600-700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. По донесувањето на мерките за увоз на половни автомобили во 2010 година, пристигнаа 50.000, а во 2009 само 3.000 стари возила. Неофицијално, бројките на регистрирани автомобили во државата е 400.000. Една третина се во Скопје.

За секторот сообраќај, еко-здруженијата препорачуваат да се изработат посебни сообраќајни планови при зголемено загадување, за да се достават на одобрување во МВР далеку пред почетокот на есента. Како дополнителен елемент е препорачан систем за обележување на моторните возила согласно нивото на загадување, односно испуштање емисии во воздухот, за што е потребно формирање интерминистерско работно тело. Потребни се стимулации за јавен превоз. Истовремено, акцент кон велосипеди и дестимулација за користење моторен сообраќај.

8.Стандарди за загадена почва и храна  

Ниту десетиците илјади евра за кампањите за „здрава храна“ не можат да ги (по)кријат поразувачките резултати од истражувањата годиниве наназад, кои покажуваат алармантно присуство на тешки метали во домашните почви и зеленуци.

Испитувањата на реномираниот професор Трајче Стафилов покажа висока диструбуција на токсични метали со метали арсен, антимон, селен, индиум, кадмиум, талиум во околината на изгаснатата Топилницата во Велес, но и во правецот на розата на ветрови – северозапад и југоисток. Практично, почвите од целиот град беа загадени и север-северозапад од градот. Вкупно околу 7 од 25 квадратни километри со екстремно загадување. Истовремено потврдено е присуство на високи концентрации метали во зеленчуци како кромид, лук, марула, ротквица, брокула, цвекло…

Според нашиот Правилник за општите барања за безбедност на храната, зеленчуците од овој регион би требало да се забранат за продажба и консумација. Се работи за почви кои се загадени со кадмиум, олово и цинк. Проблем е што Македонија има лимити за метали во зеленчуци, но нема стандарди за дозволени количини во почвите. Ова значи, наместо забрана за активности на загадена почва и евентуално обештетување на земјоделци, храната од токсична почва и понатаму оди на пазар.

Карта – Критична загаденост на површинскиот слој од почвата во Велес и неговата околина (дигитален теренски модел)

9.Урбана мафија и архитортура  

Градежните апетити со години „голтаат“ јавни простори и зелени појаси. Често се гради насилно и во неградежна зона. И тоа без план, без стандарди, без да се внимава на природното струење на воздухот, без испланиран паркинг-простор, без пристап за брза помош или пожарна. Јавноста ваквите појави знае дa си ги поистоветува со „Урбана мафија“ или со „архитортура“.

Оттука, во иднина треба да се работи на ревидирање на законите за просторно и урбанистичко планирање и за градежнипштво. Потребно се потранспаретни тендерски постапки, дискусии за поефективно организирање на јавниот простор, но и строга контрола на градежните работи и постојано миење на улиците од прашина.

10.Зголемување и регулирање на зеленилото

Законот за зеленило со години па паѓа во вода и со тоа и идејата за институционална „рампа“ за заштита, контролиран и плански развој на зелените појаси. Повеќе организации, екологисти, граѓани, па и партии многупати потенцираа дека без утврдени стандарди каде, што и колку се сече, тешко може воопшто да се води некаква евиденција и да се надополни изгубениот дрвен фонд, со цел да се унапреди еколошката слика во градовите.

Рака под рака со ваквиот Закон оди и потребата за Зелен катастар. Со него треба да биде евидентирано секое „парче“ зеленило, не само од јавните површини, туку и од приватните, како и она меѓу станбените блокови. Зелен катастар е потребен за детална евиденција на постојните и исечените дрвја, но и одржливо урбанистичко планирање, зачувување на зелените парцели и алтернативни методи како зелени фасади, зелени покриви или паркови во напуштени објекти.

Потребна е стратегија за да се одреди јасна хиерархија на одговорности и должности меѓу министерствата, општините и претпријатијата.

 

Бојан Шашевски