Инспектори од Државниот инспекторат за труд од вчера се на терен и го истражуваат случајот со Агенцијата за посредување при вработување во земјата и во странство ,,Венера’’, за која стотина студенти обвинија дека ги измамила земајќи им ги парите за работа во Германија.
„Според досегашните сознанија веќе се евидентирани одредени прекршоци, а јавноста во понеделник ќе биде известена за сите детали, откако ќе биде комплетиран извештајот од инспекцискиот надзор. Претходно се извршени неколку вонредни инспекциски надзори во работата на Агенцијата при што се утврдени неправилности во работењето, но претходните министри не постапиле согласно со наодите од утврдената фактичка состојба“, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјала.
Оттаму велат дека последната инспекција била извршена на почетокот на овој месец, односно на 5 јули 2017 година при што е евидентиран прекршок и е изречена глоба.
Студентите тврдат дека агенцијата „Венера Кемаловски“ треба да им врати пари кои ги дале за аплицирање и документација за работа во бутиците „Зара“ и рестораните на „Мекдоналс“, „Бургер Кинг“.
Според нив, директорот на агенцијата им ветил дека ќе ги врати парите, но тој сè уште не е достапен за нивните повици. Тие самоиницијативно се организираа и ја посетија централата на агенцијата, но таму ги пречека известување дека вработените се на колективен одмор.
Наместо на печалба во Германија, студенти тврдат дека се измамени од агенција