[Видео] Патоказ за младински приоритети

Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Младински образовен форум и Млади европски федералисти на Македонија организираа јавна дебата „Патоказ за младинските приоритети“.

„Би сакала да им порачам на младите: oстанете вклучени и ангажирани, ова е ваша држава и ваша одговорност. Барајте ги вашите права и бидете упорни“ истакна амбасадорката на ГерманијаКристине Д. Алтхаузер.

За значењето на меѓусебната соработка се осврна францускиот амбасадор Кристијан Тимониер, кој потенцираше дека „Настанот во Трст е значаен за градење мостови на соработка помеѓу државите и народите од Западен Балкан на патот кон интеграција во ЕУ. Впрочем и во минатото народите на овие простори живееле  заедно и споделувале заеднички идеи и идеали.“.

Претседателот на НМСМ, Блажен Малески потсети „Ако сакаме напредок, потребно е сите да се вклучиме и да вложиме напори за подобрување на состојбите. Неопходна е поголема соработка и консултации помеѓу политичарите и граѓанските организации“. Овој панел го заклучи директорот на Агенцијата на млади и спорт Дарко Каевски кој напомена „Активностите на РИКО ќе започнат во септември. Затоа мора да правиме правилни и разумни одлуки. Ова значи дека е потребна ревизија на процесот за избор на младински претставник во Управниот одбор на РИКО за Македонија“.

На вториот панел говорници беа учесниците од граѓанскиот и младинскиот форум кој се одржа во Трст. Дона Костуранова од МОФ посочи дека препораките на граѓанските организации на форумот во Трст се поклопуваат со потребите на младите во Македонија: „Ни треба подобар квалитет на образование , учество во меѓународни тестирања и обезбедување можности за мобилност и патување на младите низ регионот“.

На овој панел зедоа збор и претставниците од ЦЕД Теарце, Владимир Ѓорѓиевски и Младински Сојуз – Крушево, Анелија Митрова, кои исто така беа дел од конференцијата во Трст.

Целта на настанот беше покревање на дискусија за младинското учество и организирање, како и давање препораки за подобрување на положбата на младите во Македонија. Говорниците дадоа осврт и на младинското учество и организирање, како и препораки за Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан. Агенцијата за млади и спорт го претстави својот план за работа и соработка со младинските организации и младите, како и механизмите за нивно учество во процесите на носење одлуки.

Панел дискусиите може да ги погледнете преку видеостримот на РадиоМОФ.