На 4 август, на плажата „Оревче“ во Градиште, настапува прославениот диџеј и продуцент Дени Ховелс, а сите средства од неговиот настап ќе одат за поддршка на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).
Британецот Ховелс, еден од ветераните на електронската музичка сцена, е долгогодишен активист за заштита на животните.
„Ве известуваме дека ААПЖ парите ќе ги вложи во стерилизација и кастрација на кучиња и мачки и ќе распише повик со следните услови: Да се грижите за некое маалско милениче, а немате средства да го стерилизирате/кастрирате и да имате вдомено улично животно на кое му е дојден периодот за кастрација/стерилизација. Потенцираме дека првенство ќе имаат лицата кои се грижат и хранат голем број маалски животни, а досега немале можност да ги стерилизираат/кастрираат“, објавија на својата фејсбук страница од ААПЖ, додавајќи дека повикот ќе го објават после 4 август, кога ќе ја знаат донираната сума и откако ќе склучат договори со ветеринарни станици.
На плажата „Оревче“ е поставена и кутија за донации на ААПЖ.