[Фото] Се создава нова депонија во Аеродром, жителите пак затвораат прозор за да „пролуфтираат“

Шишиња, стар мебел, облека, електрични апарати, расипана храна и градежен шут се расфрлени на локација во општина Аеродром. Купиштата со отпад се трупаат покрај кејот на Вардар, од каде летните горештини помагаат ужасна миризба да се шири низ населбите Лисиче и Ново Лисиче, па потоа и низ целата општина.

Чадот „пече“ на очи, нос и бели дробови. Локалните граѓани се револтирани и практично мораат повторно, среде лето, да затвораат прозор за да „луфтираат“ по дома. Затоа, бараат најитно да се преземат мерки за спречување на нова депонија во урбаниот дел на општината.

„Во Ново Лисиче, во непосредна близина на крстосницата на булевар ‘АСНОМ’ со ‘Февруарски поход’, кај новиот парк, во потегот од последната постројка на ЈСП до кејот на река Вардар, од лева страна или поточно на следната локација, деновите се раѓа нова депонија. Откако патот што води до кејот, остана тампониран а неасфалтиран, секојдневно, несовесни граѓани со камиони и слични товарни возила фрлаат секакво ѓубре, градежен шут и отпад. Претпоставуваме дека тоа се лица кои наплаќаат за таква услуга, а го наште ова место за згодно. За да биде ситуацијата уште покатастрофална, ѓубрето некој го пали (тоа што може гори) и се шири неподнослива смрдеа“, соопштуваат граѓани на Аеродром во името на членовите на надзорните одбори на зградите на „Февруарски поход“, жителите на населба Лисиче и Ново Лисиче, како и сите граѓани – резиденти на општината.

За да се спречи ширење на депонијата и миризбата, во соопштението што го испратија до медиумите предложуваат да се блокира пристапот со метални прегради или бетонски блокови од кејот, и од страна на последната постојка на ЈСП. Исто така, да се анжираат екипи кои постојано би вршеле надзор над овој дел од  Ново Лисиче, вклучително и новиот парк.

Општина Аеродром се оградуваат од проблемот, тврдејќи дека овој дел покрај Вардар е под ингеренции на Град Скопје.

„Ние имавме акција за расчистување на мини депонии, меѓутоа таа се одвиваше на територијата на општината. Конкретно локацијата кај новиот парк е под надлежност на Град Скопје“, велат од Општина Аеродром за Радио МОФ.

   

Градските власти, пак, не прецизираат кога точно би се расчистувало ѓубрето. Посочуваат дека „градските и општинските комунални инспектори ја следат состојбата на посочената локација и прекршителите на комуналниот ред ќе бидат казнети штом бидата фатени во извршувањето на прекршочни дејствија“.

„Прекршителите може да бидат казнети и од полицијата. Дивите депонии навистина претставуваат декор од некои скоро минати времиња и се помалку ги има на површините кои се во градска надлежност, па може да се каже и дека ги нема. На посочената локација Општината и јавното претпријатие ќе преземат активности за отстранување на шутот ,сметот и градежниот отпад“, стои во одговорот кој стигна од Град Скопје.

Загадувањето во Аеродром и Гази Баба постојано, Вардариште се уште е „црна точка“

Не е тајна дека граѓаните на Аеродром, посебно оние со домови крај Вардар, со години се чувствуваат како во гасна комора. Кога ќе почне грејна сезонa смрди на запалена гума, пластика, хемикалии и ѓубре. Не дека низ летниот период се задоволуваат критериумите на Светската здравствена организација и ЕУ, туку обично низ зимно време најубаво се чувствуваат „благодатите“ на животот во главниот административен, пренаселен и смрдлив град, еден од најзагадените во Европа.

Од друга страна, показател дека Аеродром се гуши низ цела година се дневните надминувања на границите на опасните честички ПМ 10. Во општината одамна е надминат дозволениот годишен број од 35 загадени дена со високо присуство на овие честички. Конкретно, аеродромци дишеле загаден воздух во 76 од досегашните 205 денови во 2017 година, односно двојно повеќе од дозволените денови.

Надминувања на 24 часовните гранични вредности (50 µg/m3) за ПМ10

Локалните граѓани многу пати апелираа до надлежните структури, се јавуваа и праќаа дописи до повеќе институции, а беше покрената и петиција со обраќање до бившиот премиер. Сега репризно останува да алармираат преку медиумите.

Ужасната смрдеа низ годините се поврзува со загадување од домаќинствата, други како извор потенцираа локација кај Металски Завод Тито, трети тврдеа дека супстанции се емитираат од наталожена загадена почва, четврти дека тенденциозно се палат гуми и друг отпад како енергенс при процесот на производство на околните капацитети…

Загадувањето се поврзува и со бившата депонија Вардариште. Таа е во непосредба близина на локацијата што сега ја презентираат аеродромци, на само неколку стотици метри воздушна линија, преку Вардар од страната на општина Гази Баба. Се простира на вкупна површина од 42 хектари. На запад се граничи со поранешната Металски завод Тито, на југ е насипот на Вардар, на север е каналот за одводнување, но затоа источната граница сè уште не е утврдена.

Локација со депонија во Ново Лисиче (доле) – бивша депонија Вардариште (десно)

Речиси две децении по нејзиното затворање, депонијата сè уште е незаштитена, секој може да пристапи, така што со години претставува опасност за здравјето на скопјани. Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како позајмиште на песок и чакал. Ваквата намена на локацијата завршува со привршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период на локацијата започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата.

Последно беше дека во 2014 година, Градот Скопје започнува со преземање на активности за нејзина санација и рекултивација, за што истата година е изработена е физибилити-студија за „Санација на поранешна градска депонија“.

Сега од Градот не одговараат до каде е процесот за рекултивација. Локацијата пред неколку денови се најде пред градските советници, кои гласаа да се намали износот од 2 милиони на 500.000 денари за „Изработка на документација за санација и уредување на поранешната депонија Вардариште (основни и изведбени проекти)“. Ова беше дел од измените и дополнувањата на Програмата на активности од областа на животната средина на подрачјето на Град Скопје за 2017 година.

„Предвидените намалувања се предлагаат од причина што според податоците кои произлегуваат од веќе склучените договори дел од исплатите ќе бидат реализирани во 2018 и помал дел во 2019 година“, стоеше во предлог-програмата на градските власти.

 

Бојан Шашевски