Старата поговорка особено популарна во времето на Југославија “Учи за да не работиш!“ за жал го доби своето вистинско значење во 21 век во модерна Република Македонија.
Во овој текст немам намера да зборувам за тоа колку е квалитетно образованието во Република Македонија, околу проблемите со корупција и непотизам кои што постојано се појавуваат, за условите во студенстките домови, во библиотеките на универзитетите, за застарените материјали, за тоа што во голем дел од стручната литература од македонски автори најдалечна референца е Белград или евентуално Загреб, нема да зборувам за партиско-политичките влијанија врз факултетите, ниту за изградбата на Универзитетската библиотека на Хелсинки која што чинеше 54 милиони евра, не затоа што не се важни, туку затоа што секое од овие прашања заслужува посебен текст и посебно внимание.
Во овој текст ќе зборувам за избори, за изборот што младите луѓе го прават кога решаваат каде ќе го продолжат своето образование, како го прават овој избор и дали притоа системот има алатки кои им олеснуваат и кои им помагаат да го направат вистинскиот избор.
Република Македонија во 1991 направи транзиција од еден систем каде што најголемиот дел од работите беа планирани, диктирани и раководени од страна на државата, во систем кој што се базира на личен избор, лична одлука и лична одговорност. Со жалење можам да констатирам дека оваа фаза на транзиција се уште трае и покрај тоа што поминаа повеќе од 20 години од нејзиното започнување. Кога велам дека фазата на транзиција сеуште трае, покрај во останатите аспекти на општеството воедно мислам и на системот на образование кој не успеа да се прилагоди на новите општествени услови и потребите на модерниот пазар на труд.
Во Македонија постојат голем број на државни и приватни универзитети, факултети и институти кои нудат уште поголем број на високообразовни насоки и програми. Прашањето кое што се поставува е дали ова богатство на образовни насоки всушност им овозможува на младите луѓе да направат правилен избор на нивната идна професија? Искуството, статистиката и ситуацијата во државата покажуваат дека тоа не е така. Во Република Македонија во моментов има огромен број на дипломирани правници, економисти, професори по англиски јазик и книжевност, па дури и магистри во овие области, кои се без работа или работаат нешто што не е никако поврзано со професијата за која што учеле и студирале. Дали смееме да кажеме дека овие млади едноставно направиле погрешен избор и одговроноста за тој избор е единствено нивна? Ова би било сосема коректен заклучок доколку во периодот кога го правеле изборот овие млади луѓе ги поседувале сите потребни и релевантни информации (информации за потребите и тенденциите на пазарот на труд, бројот на студенти што секоја година завршуваат одредена насока, бројот на невработени луѓе со овие квалификации кои бараат работа).
Сепак, кај нас се уште нема развиен систем кој ќе обезбеди синхронизирање на понудата и побарувачката на кадри на пазарот на труд, систем преку кој високообразовните институции ќе може да се координаат со Агенцијата за вработување и бизнис секторот. Македонија нема развиено модел на кариерен развој кој што ќе ги следи способностите и талентите на учениците уште од најмлада возраст и врз база на тоа ќе бидат насочувани во развојот на нивните способности како и во нивниот понатамошен избор на образование.
Дополнителен хендикеп за стекнување на соодветни квалификации и вештини за учениците и студентите претставува недостатокот на практична работа во рамките на образовниот систем, што понатаму ги оневозможува успешно да ги извршуваат работните обврски, дури и ако успеат да најдат работа. И покрај тоа што државата во моментов прави напори преку имплементацијата законот за доживотно учење да воспостави систем за признавање и верификување на неформалното и информалното образование, овој систем е сеуште во развојна фаза и сигурен сум дека додека истиот целосно се имплементира, уште неколку генерации на млади луѓе нема да имаат моженост да ги верификуваат знаењата, вештините и компетенциите со кои што се стекнале низ неформали тренинзи, работилници и обуки.
И додека јас ова го пишувам, а вие го читате, голем број на млади луѓе веќе размислуваат на кој факултет ќе го продолжат своето образование. Најголемиот дел од нив заради општествениот и притисокот на нивните врсници ќе се запишат на факултети без да ги имаат сите информации и без да знаат дека програмер е една од најплатените професии во Република Македонија, или дека скоро и да нема невработени геодети, односно дека меѓу најдефицитарните кадри во државата се ракувачи со виљушкари и тешка машинерија и дека лицата кои поседуваат вакви способности имаат месечна плата која што се движи и до 1000 евра!
Дамир Незири, граѓански активист, @toVornottoV