Познати уметници, музичари, пејачи, модни креатори, волонтери на Црвениот Крст на Град Скопје, но и граѓани и новинари се приклучија кон промоцијата на третиот број на активистичкото списание „Лице в лице“ на плоштадот Македонија во Скопје. Промоцијата на третиот број на списанието го означи почетокот на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на улични весници (4-10 февруари) која се одбележува во над 600 градови низ светот.
Ликовниот уметник Сергеј Андреевски, модните креатори Никола Секирарски и Тања Кокев, членката на „Старовски бенд“, Верица Андреевска-Спасовиќ музичарот и член на „Синтезис“ Марјан Јовановски, поп пејачката Каролина Гочева и десетина граѓани кои сакаа да ги поддржат продавачите денес на централниот скопски плоштад им го нудеа новото издание на граѓаните.
Младиот продавач Армандо Реџепи, за кого има и сторија во новиот број на списанието рече дека полесно продава кога е заедно со познатите личности.
-Интересно е со нив, но умеам да се снајдам и сам. Сега продадов 10 броја, ми помогна Сергеј. Се надевам дека продажбата ќе расте – вели 16- годишниот продавач.
Освен денешната промоција, во рамки на Меѓународната недела на продавачи на улични весници, „Лице в лице“ организира и посета на повеќе компании, меѓу кои се МЕПСО, „Пакомак“, „Фармахем“, „Адора инженеринг“, „Конект“ и Холандската амбасада. Продавачите ќе се дружат со вработените, но и ќе им го понудат третиот број на списанието. „Лице в лице“, заедно со агенцијата за комуникации „Ксантика“ оваа недела организира и интензивни тренинзи за подобрување на комуникациските вештини на продавачите. Дел од продавачите се младинци на улица кои се згрижени во Дневниот центар за деца на улица, а дел се бездомници кои се вклучени во програмите на Црвениот крст на Град Скопје.
Третиот број на „Лице в лице“ донесува приказни за велосипедизам, за скопските цртачи на графити, за потребата од квалитетно неформално образование, согледување за тоа колку донираме, за хуманитарните акции, интервју со ликовниот уметник Игор Тошевски кој зборува за критичката уметност итн.
Оваа недела се одбележува Меѓународната недела на продавачи на улични весници (4-10 февруари) која се одржува како дел од активностите на Интернационалната мрежа на улични весници (ИНСП), со седиште во Глазгов. Низ 600 градови во светот, меѓу кои преку „Лице в лице“ е вклучен и градот Скопје, на шест континенти, 140 улични весници ги поттикнуваат уличните продавачи да заработат за пристојна егзистенција и да се издигнат над сиромаштијата во која се нашле. Во мрежата се вклучени 28 000 продавачи кои секојдневно на улиците на Скопје, Белград, Загреб, Милано, Глазгов, Манчестер, Кејптаун, Мелбурн ги продаваат овие изданија и се борат против сиромаштијата.